Како се станува добар член на едно плуралистичко и разновидно демократско општество?
Образованието за демократија не се одвива само во училиште за време на часовите за граѓанство кога учениците учат за, заради и преку демократијата. Демократското образование се јавува и во нашите секојдневни животи, преку семејната динамика, ситуации на игралишта, паркови или на работа…
Во сите овие интеракции, може да се појават проблеми, заради различни и разновидни мислења, вредности, интереси, убедувања или ставови. Како да се справиме со овие ситуации? Како да се обидеме да ги решиме конфликтите? Кои вештини и ресурси можеме да ги активираме кога комуницираме со други луѓе?
Нашите заеднички демократски вредности, како што се слободата и привилегиите, еднаквоста на човечките суштества и достоинството на секој човек не дозволуваат употреба на насилство или прибегнување кон „законот на најсилните“. Ни требаат алтернативни опции за почитувана и мирна интеракција за да се справиме со тие ситуации во секојдневното живеење заедно.
Комуникацијата, начинот на кој разговараме и се слушаме еден на друг, е основен услов за демократско дејствување. Комуникативната компетентност се практикува во секојдневниот живот и децата и адолесцентите од секоја возраст можат да ја научат.
Да се познаваат сопствените чувства, потреби, интереси и мислења и да може да ги искажете на јасен и фер начин, како и да ги слушате другите внимателно, без предрасуди додека разгледувате различни перспективи, може да нè спречи да се впуштиме во насилни и агресивни интеракции. Овие компетенции мора да се стекнат како основни предуслови за живеење во демократско општество. Кога родителите комуницираат со своите деца, можат да дознаат дали се почитуваат интересите, потребите, чувствата и мислењата на своите деца и дали тие се чувствуваат разбрани, прифатени и ценети како лица. Само самоуверените и силни деца можат да се развијат во одговорни и политички зрели граѓани. Вашиот начин на комуникација со вашите деца во секојдневните семејни ситуации силно ќе влијае и ќе ја зајакне нивната личност и ќе им овозможи да станат самоуверени членови на едно демократско општество. Дали сакате да знаете како да се справите со тоа?
Оваа страница им нуди корисни предлози на родителите за тоа како ефективно да комуницираат со своите деца за прашања и проблеми, засновани на примери и ситуации произлезени од секојдневниот живот со мали деца, млади и тинејџери, со цел да ги унапредат своите демократски компетенции. Кликнете на сликите или илустрациите и обработете ги дадените материјали. Притоа, ќе ги оцените вашите комуникативни преференци во разни ситуации во реалниот живот. Изборот на ситуации од реалниот живот е направен по консултација со различни родители. Се надеваме дека стекнатите идеи ќе можете да ги примените и во други секојдневни ситуации со вашите деца.
Имајте на ум дека сите ние имаме свои сфаќања на светот, вредносни системи и воспитание, засновано врз социјалните и културните норми и навики што самите сме ги доживеале. Така, некои од опишаните алтернативи за дејствување можеби ви изгледаат необично. Кога родителите имаат намера да ги унапредат демократските компетенции на своите деца, понекогаш треба да бидат отворени за самите да ги испробаат необичните работи. Затоа, поминете низ материјалот користејќи свој „поглед“ и испробајте ги предлозите со кои се чувствувате поудобно. Како што ќе одите напред, можеби ќе сакате да експериментирате со нови, непознати идеи, имајќи предвид дека не растат и се развиваат само нашите деца. Ставот и вештината да се биде отворен и прилагодлив во светот што брзо се менува е исто така важна компетенција и за возрасните граѓани. Ние се менуваме заедно со светот околу нас.