Стилови на училишно раководство

Living Democracy » Principals » ЛИДЕРСТВО » Демократски стил на училишно раководство » Стилови на училишно раководство

Дали демократијата е најдобриот начин да одговориме на предизвиците со кои се соочува нашето општество? Или има подобри алтернативи? Контроверзноста околу ова прашање е со нас уште од античко време до денес. Она што се однесува на општеството, се однесува и за училиштата. Ако се залагаме за демократско раководство во училиштата, неопходно е да се разгледаат алтернативите. Да разгледаме четири главни типа на лидерство.

Автократските лидери имаат тенденција сами да ги донесуваат сите одлуки. Тие ќе тврдат дека ова е најефикасниот стил за да се завршат многу задачи во краток временски период. Тоа е всушност јаката страна на автократското лидерство, но слабост е тоа што одлуките може да бидат оспорени или доведени во прашање, што пак ја зголемува веројатноста за конфликт и одбивањето за соработка. Автократските лидери потценуваат за тоа до кој степен зависат од другите. Училишните правила што се наметнуваат без дискусија почесто се прекршуваат, што е контрапродуктивно во справувањето со недолично однесување и малтретирање. Автократското лидерство често го следи статус квото и дадени конвенции, нудејќи малку во однос на иновациите и развојот. Академските резултати се лоши во автократски предводените училишта, бидејќи специфичните потреби на учениците за поддршка и охрабрување добиваат малку внимание.

Не-авторитарно (Laissez-faire) лидерство се карактеризира со недостаток на јасно дефинирани процедури за одлучување и мало учество на лидерот во процесите на донесување одлуки. Времето за дискусии не е јасно ограничено, така што ефикасноста на одлучувањето и управувањето со училиштата е слаба. Од друга страна, јаката страна на овој вид лидерство е ниско ниво на агресија и конфликти во училишната заедница.

Патерналистичките лидери делуваат како родителски фигури водејќи сметка за своите подредени како родител, без да им дадат никаква одговорност или слобода на избор. Во овој вид лидерство, лидерот покажува грижа и се грижи за своите вработени. За возврат, тој очекува доверба, лојалност и покорност. Од наставниците се очекува да бидат целосно посветени на она во што верува лидерот и да се воздржат од правење сопствен избор или самостојно работење. Наставниците се очекува да останат вработени во истото училиште подолго време за зајакнување на лојалноста и довербата. Патријалистичкото лидерство има тенденција да го подели персоналот, бидејќи лидерот на училиштето ќе ги награди своите омилени наставници за нивната лојалност со посебен третман и можности како проекти, патувања, обуки и сл.

Демократскиот стил на лидерство нуди потенцијал да се надминат слабостите што имаат тенденција да ги развиваат другите видови на лидерство. Демократскиот водач на училиштата гарантира дека сите членови на училишната заедница се вклучени во процесот на одлучување – но учеството ќе варира, во зависност од контекстот. Учениците нема да учествуваат во секоја одлука и лидерот можеби нема секогаш да го има последниот збор. Во некои случаи, тој може да се ограничи на олеснување на некој договор меѓу вработените или целата училишна заедница, или пак да прифати одлука што не ја поддржува самиот.

Лидерството и одговорноста се споделуваат, а честопати има и лидери на подгрупи. Колку повеќе членови на училишната заедница учествуваат во процесот – лидерот на училиштето, наставниците, учениците, домаќините, стручната служба, можеби и родителите и надворешните чинители, толку е појасна сликата за различните интереси, погледи и вредности. Силата на демократското лидерство во училиштата лежи во неговиот потенцијал да донесе одлуки и решенија кои се широко прифатени и поддржани, доколку се земат предвид сите интереси и прашања. Напорите за учење што се потребни за различните групи во училишната заедница да го развијат својот целосен потенцијал за учество можат да бидат доста застрашувачки, но тие се наградувачки. Училишната заедница може да развие демократска училишна култура со отворена и пријателска атмосфера. Нејзините членови ќе бидат помотивирани и посветени, ќе се развива формална и неформална комуникација, вклучително и со лидерот на училиштето и со училишната заедница. Дисциплината ќе се подобри ако и учениците се чувствуваат одговорни за своето училиште. Училиштето ќе постигне повисоки академски резултати со тоа што ќе ги престретне разновидните способности и таленти на своите ученици.

Затоа, демократското раководство на училиштето има силен потенцијал, но и предизвици. Колку повеќе членови учествуваат, толку покомплексни ќе бидат процесите на дискусија, градење консензус и донесување одлуки. Автократските кратенки за ефикасно одлучување можеби тогаш ќе изгледаат како атрактивна алтернатива. Тврдиме дека вреди да се обидеме да се справиме со оваа сложеност бидејќи вашите ученици треба да научат како да напредуваат во амбивалентни и нејасни ситуации Компетенции за демократска култура, стр. 43. Демократски водените училишта ги поддржуваат своите општества преку едукација на своите ученици да станат граѓани кои се компетентни и уверени да учествуваат во контроверзни и динамични процеси на донесување одлуки.