Како директор, не можете да наметнувате култура на учење на вашето училиште, но примерот кој го давате и вашата посвета се пресудни. Затоа, вашиот избор е една од најважните одлуки што треба да ја донесе еден директор: Каква култура на учење сакате да прифати вашето училиште? Дали вашите наставници се генерално свесни дека учениците мора да бидат вклучени во нивниот процес на учење, и дека кооперативните методи на предавање и учење ги охрабруваат да пристапат критички и да се интересираат за сите можни димензии на една тема, поканувајќи ги да дискутираат и да не се согласуваат , формираат свои мислења, дебатираат, преговараат, па дури и да ги променат. Таквата култура на учење не е луксуз, ниту во добрата настава, ниту во образованието за демократија и човекови права.
Покрај тоа, таквата култура на учење не само што им служи на вашите ученици, туку има и многу заедничко со културата на демократијата. Можеме да го сфатиме училиштето како микро-заедница што им нуди на младите луѓе можност да преземат одговорност за проблемите во училишниот живот и да искусат процеси на донесување одлуки при справувањето со нив. Демократските заедници, како на микро така и на макро ниво, се заедници на учење, бидејќи ниту еден играч не може сам да го дефинира општото добро. Мнозинствата одлучуваат, но нивните одлуки може да не успеат да решат проблем или да испаднат неправедни. Заедницата на учење може да извлече заклучоци од ваквите одлуки и да ги поправи.
Како наставата може да ги охрабри и да им овозможи на учениците активно да учествуваат во своите општества?
Научен метод
Расудувањето и оправданоста се невозможни ако учениците не се заинтересирани. Во дидактиката е прифатено дека суштината на учењето е мотивација. Учениците мора да бидат способни да го поврзат предметното прашање со нивните постојни знаења и тоа мора да одговара на нивните интереси. И знаењето и интересите треба да се култивираат во процесот на учење. При истражувањето на светот, се разви „научниот метод“. Тоа е процес чекор-по-чекор, кој вклучува набудување, прашање, хипотеза, експеримент, анализа, заклучок и одново започнување. Расудувањето и оправданоста во наставата бараат наставниците да ги земат предвид карактеристиките, интересите и потребите на учениците при планирање или предавање на нивните часови. Овозможувањето на учениците да го совладаат процесот на научни истражувања дава добар можен одговор на поголемите прашања со „Зошто“ во наставата.
Пристап со грижа
Основниот елемент на демократското граѓанство е она што го нарекуваме „критички пристап“. Тоа е процес кој ги следи чекорите на научниот метод. Потребно е граѓанинот да биде заинтересиран за општото добро и запознаен со методот на прибирање информации од различни аспекти пред да се формира мислење за некое прашање. Учениците можат да бидат обучени за критичко размислување и расудување на училиште, кое бара целокупен пристап на училиштето преку наставниците. На учениците им требаат многу задачи и можности за учење од широк опфат на предмети во наставната програма. Добрата настава во голема мера се поклопува со ОДГ/ОЧП. Моделот на компетенции на Советот на Европа за демократска култура вклучува вештини што исто така се базираат на научниот метод, „автономно учење“ и „аналитичко и критичко размислување“. Повеќе: Компетенции за демократска култура, стр. 49.
Средина за учење
Во училиштето, класовите се мали заедници каде младите граѓани можат да имаат глас и да се мотивирани да играат активна улога. Наставата може да им обезбеди на младите луѓе основни вештини што им се потребни за да ги развијат своите компетенции во научното истражување, критичко размислување, учество и донесување одлуки. Учениците кои го збогатиле своето искуство на ваков начин на учење, се подготвени да станат активни и учеснички настроени демократски граѓани.
Вие не сте сам/а
Можеби овој аспект на вашата улога како директор во развивањето на култура на учење во вашето училиште се чини непознат, а задачите што се очекуваат од вас се застрашувачки. Ние сме целосно свесни за бројот на обврски и одговорности во вашите раце, и колку многу време одземаат вашите законски обврски. Сепак, можеме да ве увериме дека не сте сами. Советот на Европа има голема историја со промовирање и развој на Образованието за демократско граѓанство и човекови права (ОДГ/ОЧП), со еден тековен процес во кој се вклучени директори од училишта ширум Европа. Ако сакате да дознаете повеќе за историјата на ОДГ/ОЧП, посетете ја http://living-democracy.com/mk/textbooks/volume-1/part-1/unit-4/ на оваа веб-страна.