Каква врска има демократијата со школувањето?
Living Democracy » Principals » УЧЕСТВО » Свесност » Каква врска има демократијата со школувањето?Основен пристап, ефекти, компетенции, парадокси, ограничувања
а) Учење и живеење во демократија
Демократијата може и треба да се научи уште на рана возраст. Пристапот за учење кој нашата веб-страница „Living Democracy“ го промовира може да се сумира на следниов начин:
- Треба да научиме за демократијата за да можеме да живееме во демократија
- Треба да живееме во демократија за да можеме да научиме за демократијата
Овие тези укажуваат на фактот дека од една страна, демократијата зависи од тоа образованието да се практикува, а од друга страна, дека практикувањето демократија е клучот за нејзиното учење. Затоа, образованието мора да овозможи младите да учат за демократијата ако општеството сака да остане или да стане демократско. Бидејќи училиштата се официјално одговорни за образованието на младата генерација, тие треба да практикуваат демократија со цел да се поттикне учењето на учениците за демократијата.
б) Ефекти
Учеството не само што поттикнува учење на демократијата, туку, како што покажаа истражувањата, исто така има позитивен ефект за здравјето на учениците, учењето на учениците и предавањето воопшто: Редовното вреднување на повратните информации од учениците за наставата и вклученоста на семејствата на учениците и заедниците во образованието доведоа до подобрување на учењето и достигнувањата на учениците и севкупен повисок квалитет на училиштата и наставата. Анализирањето на наставата од различни перспективи (ученици, наставници) е многу ефикасен начин за нејзино подобрување. Понатаму, учеството на учениците покажа дека има позитивни ефекти врз самодовербата, односите ученик-возрасн и ученик-ученик, а исто така и училишниот морал. Вклучувањето на наставниците или учениците во училишните реформи доведе до ветувачки резултати.
в) Парадокси
Институционален парадокс
Училиштата подлежат на норми, вредности и закони на одредена држава. Тие се одговорни за образованието на младата генерација. Учениците не можат да изберат да не одат на училиште, бидејќи училишното образование е задолжително. Нивните родители мора да ги испратат на училиште. Наставниците немаат слобода да поучуваат тоа што тие сакаат; тие се вработени да го предаваат тоа што државата го има пропишано во наставните програми. Од нив се бара да ги оценуваат учениците според нивните постигнувања во определени предмети. Директорите се вработени за да водат сметка дали училиштата работат според официјалните закони и прописи. Затоа, училиштата не се место каде што слободните и еднакви луѓе комуницираат за да најдат заеднички јазик. Односот помеѓу групите се определува со хиерархии и разни средства за искажување на моќ заради подготвување на помладата генерација за современиот живот и нејзино распределување на различни, нееднакви позиции во општеството.
Педагошкиот парадокс
Односот наставник-ученик го отсликува фактот дека поискусните и образовани едукатори го пренесуваат нивното знаење и искуство на неискусните ученици кои немаат познавања. Нееднаквоста помеѓу наставникот и ученикот, како и помеѓу родител и дете, ја дефинира потребата за образование, но исто така претставува пречка за демократската пракса.
г) Внимавајте на ограничувањата и стапиците
- Започнете со себе! Откријте какви мерки и промени ви се на дофат. Вие претставувате пример за вашето училиште. Само ако демонстрирате и практикувате демократија на дело може да очекувате демократска практика од страна на вашите наставници.
- Дали навистина сакате да им дадете глас на членовите на училишната заедница? Никој не сака да дознае дека неговиот ангажман и вклученост бил попусто. Наместо да практикувате псевдо-демократски активизам, подобро е да донесете добро информирани одлуки и да ги пренесете транспарентно. Псевдо-демократијата е контрапродуктивна и има тенденција да ја поткопа довербата во понатамошни демократски практики.
- Дури и ако дадете вистински и искрени можности за демократска практика, не очекувајте луѓето да ја прифатат веднаш. Навистина, некои луѓе може да се спротиставуваат. Демократската пракса е комплицирана и затоа бара трпеливост од сите вклучени. Не се обесхрабрувајте. Продолжете! На крајот ќе вреди.
- Бидете јасни за можностите на рамките во кои слободно може да се донесат одлуки и границите што не смеат да се надминат (на пр. буџетски ограничувања, законот, права на малцинствата, вашите обврски и одговорност како водач на училиштето, спротивставени улоги).