2. Врската помеѓу образованието за демократско граѓанство и образованието за човекови права14
Living Democracy » Textbooks » Образование за демократија » Дел 1 – Разбирање на демократијата и човековите права » Наставна тема 3 – Предавање за демократијата и човековите права » 2. Врската помеѓу образованието за демократско граѓанство и образованието за човекови права14„Образованието за демократијата на граѓанството“ и „образованието за човекови права“ се тесно поврзани едно со друго и обострано се зајакнуваат. Тие повеќе се разликуваат во однос на тежиштето и сферата на дејствување отколку во целите и начинот на дејствување. Додека образованието за демократско граѓанство, главно се концентрира на демократските права и должности и на активното учество во граѓанското општество во политичките, социјалните, економските, правните и културните области на општеството, образованието за човекови права се занимава со широкиот спектар на човекови права и елементарните слободи, кои го засегаат секој аспект од човековиот живот.
Од повелбата на Советот на Европа за образование на демократско граѓанство и образование за човекови права, донесена во рамките на препораките на ЦМ/Рец (2010) од Комитетот на министри на 11. мај 2010.
Следниот пасус ја објаснува малку поточно врската помеѓу образованието за човекови права и образованието за демократско граѓанство. Пред повеќе децении Обединетите Нации и нивните специјални организации го признаа правото на образование за човековите права т.е. правото на граѓаните да се информираат за правата и слободите во Конвенцијата за човекови права кои нивната земја ги ратификувала. Владите се задолжени за имплементација на овие норми на човековите права во закони, правни линии и пракса. Тие периодично им полагаат сметка на надлежните органи за постигнатиот напредок. Надзорните организации, како групите за човекови права, придонесуваат да се следи напредокот на имплементацијата.
Се подразбира дека ние како граѓани ги познаваме и почитуваме нашите човекови права и ги респектираме и правата на другите луѓе околу нас. Ние мора да ја разбираме правната одговорност на државата во однос на исполнувањето на нашите права. Исто така треба да бидеме свесни за етичката одговорност, секојдневно да ги живееме човековите права и да ги почитуваме. Структурата на соодветното знаење и подготвеноста да се познаваат и почитуваат сопствените права и правата на луѓето околу нас започнува вообичаено уште во детството: во семејството, во училиштето, во заедницата.
Агенциите на ООН и специјалните организации како Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права(ОХЦХР), УНЕСКО и УНИЦЕФ исто така и меѓудржавните организации, како Советот на Европа и Националните агенции за човекови права упатија на образованието за човекови права и препорачаа со посебно внимание занимавање со теми за човековите права во училиштето.
Образованието за човековите права има нормативно-правна димензија. Таа се однесува на посредувањето на содржини во врска со нормите на човековите права, кои беа ратификувани со меѓународни договори и спогодби. Тука се вбројуваат граѓанските и политичките права како и социјалните, економските и културните права. Со нив поврзаната референтна рамка способна за развој во минатите години беше проширена со еколошки и колективни права. Овој правно ориентиран принцип ги признава значењето на надзорот и должноста за одговорност, со кои треба да биде загарантирано дека државата и политиката ќе ги исполнат должностите во согласност со текстот и духот на Конвенцијата за човекови права.
Образованието за човекови права нема само нормативно-правна, туку и културна димензија. ОДГ/ОЧП е систем на вредности и референтна рамка со чие посредство секој може да рефлектира во колкава мера нормите на човековите права и вредности се во склад со секојдневните искуства. Како овој концепт за човековите права може да се остави да влијае во училишното образование е дискутирано на друго место во оваа книга.
Во услови на училишно учење, како во образованието за човекови права, така и во образованието за демократско граѓанство ставени се интерактивни методи центрирани на учениците. Педагошките концепти кои се ориентираат на барањата на образованието за човекови права се карактеризираат преку следните клучни зборови:15
- експериментални и базирани на активност: учењето се надоврзува на предзнаењето на учениците и нуди активности кои го прошируваат тоа знаење и искуствата на учениците;
- ориентирани кон проблемот: учениците ги преиспитуваат нивните предзнаења;
- партиципативни: заедничките напори помагаат да се појаснат концептите, да се анализираат темите и да се изведат активностите;
- дијалектички: учениците мора да го споредат нивното знаење со останати извори;
- аналитички: учениците размислуваат зошто работите се такви какви што се и како дошло до тоа;
- поврзувачки: Човековите права се набљудуваат имплицитно или експлицитно на интраперсонално рамниште и во меѓучовечките односи во процесот на посредување;
- насочени кон стратегиско мислење: учениците се мотивираат да си постават сопствени цели и да смислат стратегии за достигнување на тие цели;
- ориентирани кон целта и дејството: учениците имаат можност да планираат и организираат дејства ориентирани кон целта.
Во многу земји образованието за човекови права се поклопува со образованието за демократско граѓанство или општополитичкото образование, додека клучните концепти на политичкото образование се поуниверзално и покритички расветлени под фокусот на човековите права.
Знаењето за основните концепти и факти, како и прашања за граѓанската смисла и за граѓанските компетенции се однесуваат и се пренесени на областа на глобалната општествена одговорност, на правдата и на општествените дејствија. Преку наведените точки, образованието за човекови права изричито ги поддржува општествено-социјалната одговорност и општествено-социјалното постапување на учениците. Образованието за демократско граѓанство поаѓа од чистата поддршка на учеството како составен дел на репрезентативната демократија, со што таа ги поврзува соодветните дејства т.е. активности со различни права. Таквите активности можат да бидат од корист за ангажирање против угентување и неправда.
Широкиот спектар на ученици и широко поставените рамки на образованието за човекови права имаат ефект врз крајно разновидните концепти во имплементацијата на односните содржини. Иако образованието за човекови права е дефинирано како универзална рамка од меѓународни (повремено и регионални) норми, специфичните теми и нивната употреба зависат од локален и национален контекст. Освен тоа, образованието за човекови права во училиштен контекст мора да се адаптира на возраста на учениците и на барањата на националната или локалната политика на образование.
Темите и содржините за човековите права во наставните планови можат често да бидат посредувани врз основа на интеркултурни теми, кои се пропишани од образовната политика или во постоечките предмети како историја, науката за државите / граѓанското образование и во социјално-хуманистичките предмети. Човековите права се тематизираат исто така и во уметничките програми и неформалните форми на организирање како ученички клубови или посебни манифестации.
Ако образованието за човекови права и образованието за демократско граѓанство во една училишна околина коегзистираат и паралелно се имплементирани, тие меѓусебно се зајакнуваат (спореди со цитатот на почетокот од ова поглавје). Во студиите за граѓанско образование, објавени во 1999 од Меѓународната асоцијација за едукација (ИЕА) беа собрани податоци од 88.000 14-годишници од 27 земји.16 Со анализа требаше притоа да биде утврдено, дали помеѓу одделни земји постои разлика што се однесува на познавањата на човековите права на младите (во споредба со другите форми на политичко знаење) како и ставовите на младите кон поттикнувањето и уважувањето на човековите права.
Анализата покажа дека искуствата на младите со демократијата во нивното училиште и расправањето со меѓународни прашања од една страна и со нивните познавања на човековите права од друга страна се во позитивна корелација. Факторите кои би можеле да се опишат како „демократија во училиштето“ имаа неспорно влијание врз ставот на учениците кон човековите права. Евалуацијата на ИЕА-материјалот на податоци ја потврди хипотезата дека оние ученици кои во училишното опкружување имале најмногу прилика да ги практикуваат демократските идеали, имаат исто така најпозитивни ставови кон човековите права. Освен тоа учениците со подобри познавања на човековите права најчесто расправаа на меѓународни теми, посилно се залагаа за партиципативно разбирање на граѓанството и беа политички покомпетентни.
Училиштата кои нудат заедно ОДГ и ОЧП им ја даваат на учениците потребната опрема на патот и ги воспитуваат во полнолетни и одговорни граѓани кои ги познаваат и високо ги ценат нивните права и слободи.
14. Авторка: Felisa Tibbits. Модифицирано и актуализирано според: Tibbits, F. (2008): Human Rights Education. Во: Bajaj, M. (ed.) Encyclopedia of Peace Education. Charlotte, NC.: Information Age Bublishing.
15. Извор: ARRC [Asia-Pacific Regional Resource Center for Human Rights Education] (2003): What is Human Rights Education? Human Rights Education Pack. Bangkok: ARRC.
16. Torney-Purta, J. Barber, C. H. und Wilkenfeld, B. (2008): How Adolescents in Twenty-Seven Countries Understand, Support and Practice Human Rights. In: Journal of Social Issues, 64: 1.