Час/Лекција 2: Дали е фер? (истражување)

Living Democracy » Textbooks » РАСТЕЊЕ ВО ДЕМОКРАТИЈА » ГЛАВА 3: ЕДНАКВОСТ – Малцинства и мнозинства » Час/Лекција 2: Дали е фер? (истражување)

Малцинства и мнозинства на училишното игралиште

Цели на учењето Учениците стануваат свесни за ситуацијата во нивното училиште со набљудување на другите ученици за време на одморите.
Задачи на учениците Учениците спроведуваат истражување на училишното игралиште со броење на бројот на ученици кои учествуваат во разни активности. Ги запишуваат резултатите и прават интервјуа со учениците кои не учествуваат во ниту една активност.
Ресурси Копија од табелата за правење белешки на училишното игралиште, пенкала.
Методи Група од четири ученици.

Информација

Квантитативни и квалитативни истражувања на основно ниво

Квантитативните методи на прибирање на податоци – статистика – се изучуваат во училиштата од неколку причини: корисни се за секојдневниот живот, имаат инструментална улога во другите дисциплини и промовираат критичко размислување кога се користат вистински податоци.

Поучувањето за статистика во основните одделенија најчесто се прави со комбинирање на статистиката со природните науки или преку математиката. Во многу случаеви, поучувањето за квантитативни методи за прибирање на податоци останува на чисто инструментално ниво во основните училишта и многу ретко вклучува анализа и интерпретација на добиените резултати. Со цел да се промовира критичкото мислење и размислувањето, поучувањето за квантитативните методи не треба да престане со презентација на резултатите со помош на дијаграми или графи. Важно е да се фокусира на поврзување на методите за прибирање на податоци од тоа што е откриено и да се интерпретираат резултатите.

Со цел да се засили овој процес на основно ниво, додавањето на квалитативното истражување им помага на учениците да имаат повеќе увид  во она што ги поттикнува податоците кои се истражуваат и која е тероијата и сознанијата кои стојат во позадина, во овој контекст, се предложува учениците да ги осмислат интервјуата за другите ученици. Со тоа, може да се развие вистинско разбирање за проблемот кој се истражува. Во наредните две лекции, основните елементи се користењето на вистински податоци од секојдневниот живот на учениците и интерпретацијата на резултатите.

 

 

Опис на часот

Наставникот ги групира учениците во групи од по четворица. За своето истражување, секоја група ќе се фокусира на еден аспект од тоа што се случува на училишното игралиште за време на одморот.

Примери за аспекти на истражување:

  • Број на момчиња и девојчиња кои се вклучени во активности;
  • Спортски настани кои се одвиваат во тој момент;
  • Други игри кои се играат во тој момент;
  • Теми на кои се зборува;
  • Различните активности на помладите и постарите ученици.

Секоја група ќе добие еден аспект од истражувањето со цел да истражува за малцинствата и мнозинствата во училиштето. Групата треба да формулира истражувачки прашања на кои сакаат да се фокусираат. Тие го запишуваат главното истражувачко прашање на испечатената копија со табелата за истражување.

Примери на прашања:

  • “Колку момчиња и колку девојчиња се вклучени во активности за време на одморот?”
  • “Какви видови на спортски активности се играат за време на одморот и од страна на кој?”

Дополнително, учениците може да формулираат прашања,но  најмногу 5 прашања, за нивната појдовна точка за истражување за тоа што сакаат да ги прашат соучениците на училишното игралиште.

Примери:

  • “Зошто мислиш дека повеќе момчиња/ девојчиња го прават тоа?”
  • “Зошто мислиш дека помалку момчиња/ девојчиња го прават тоа?”
  • “Што би променил/а?”

За време на подолгиот одмор, учениците одат на училишното игралиште и го спроведуваат своето истражување во своите групи. Во зависност од организациското ниво на одделението, работата исто така може да се подели во самите групи (двајца ученици може да ги запишуваат квантитативните резултати, додека други двајца ги поставуваат квалитативните прашања и земаат белешки).

Откако ќе заврши истражувањето, учениците се враќаат во својата училница и ги дискутираат своите резултати во самите групи еден период. Кој е нивниот генерален впечаток? Дали имаат слични резултати?