Што нуди оваа книга?

Овој прирачник е наменет за наставниците, наставниците-обучувачи, креаторите на наставната програма, уредниците на учебниците и преведувачите во земјите членки на Советот на Европа. Тој може да биде преведуван и адаптиран со цел да излезе во пресрет на специфичните барања во рамките на нивните образовни системи.

Оваа книга содржи девет наставни теми во Образованието за демократско граѓанство (ОДГ) и Образованието за човекови права (ОЧП). Наставните теми, кои се состојат од по четири наставни часови, се наменети за учениците од последната година на основното образование (осмо или деветто одделение, во зависност од образовниот систем). Секоја наставна тема се фокусира врз еден клучен концепт поврзан со ОДГ или ОЧП: идентитет – слобода – одговорност – конфликт – комуникација – плурализам – правила и закони – рамноправност – владеење.

За секој час, редоследот на предложените наставни чекори е детално опишан, онолку колку што тоа е возможно. Материјалите за учениците се вклучени како додаток на секоја наставна тема, така што наставниците добиваат онолку поддршка колку што самиот прирачник може да даде. Поради тоа, оваа книга е наменета за наставниците, а не за учениците. Нашето искуство, при обуките за наставници, покажува дека учесниците на обуките и наставниците-почетници повеќе ги ценат деталните описи на часовите. Но, исто така, искусните наставници би можеле да најдат некакви корисни идеи и материјали за нивните часови. Наставниците-обучувачи би можеле да ја користат оваа книга како прирачник во обуките за ОЧП и човекови права.

Ова е ревидирана верзија на прирачникот. Првата едиција беше издадена во Босна и Херцеговина со цел да се поддржи новиот училиштен предмет, демократија и човекови права, кој беше воведен во 2002. Од 1996, Советот на Европа е ангажиран во обучувањето на наставници и наставници-обучувачи за ОДГ и ОЧП со цел да ги поддржи процесите за градење на мирот по војната. Уредниците и авторите на првата едиција беа членови на интернационален тим на обучувачи, кои учествуваа во овој проект. Ние испорачувавме обуки за време на работата на наставниците и наставниците-обучувачи, развивавме материјали, вклучувајќи ја и првата нацрт-верзија на овој прирачник, како за обуки на наставниците, така и за користење во наставата.1

Кој е пристапот на ОДГ/ОЧП?

Основните принципи на ОДГ можат најдобро да се илустрираат со еден пример. Слободата на мислење и изразување2 е основното право при учеството во демократијата. Во ОДГ/ОЧП, учениците би требало да го знаат, да го разбираат и да го ценат правото на слободно мислење и изразување и тие би требало да знаат како тоа право е заштитено со нивниот државен устав (димензија на учењето преку знаење и разбирање). Токму поради тоа што активното користење на ова право е суштинско за учеството во една демократска заедница, учениците, исто така, мораат да научат и да вежбаат како да аргументираат во јавноста (димензија на учењето преку развивање на вештини и градење на компетенции). Конечно, слободата на мислење и изразувањето лежи во основата на едно отворено, плуралистичко општество. Несогласувањето и натпреварот на интересите и мислењата се правило, а не исклучок. Конфликтите ќе се зголемуваат и тие би требало да се решаваат на ненасилни начини, преку искажан збор (аргументирање, договарање и преговарање – и јавно и зад затворени врати). Едно отворено плуралистичко општество е засновано на утврдени обврзувачки правила и цврсти институции, кои ги применуваат овие правила, но уште повеќе на споделени вредности помеѓу граѓаните. Овие вредности вклучуваат толеранција, заемно почитување, почитување на праведен компромис, ненасилство и способност за справување со отворени ситуации на несогласување во кои не може да се одлучи за крајниот исход. Доколку политичкото одлучување е поддржано и е во рамките на цврст консензус на ред и демократски вредности, тогаш општеството ќе може да се справи со високиот степен на несогласувања за конкретните прашања. Слободата на мислење, тогаш, воопшто не би претставувала опасност за успешното владеење, туку напротив, станува начин за изнаоѓање на праведни и ефикасни решенија на проблемите и конфликтите.

Демократијата има една културолошка димензија и во политичката теорија таа е сфатена како еден вид непишан социјален договор, прифатен од секој граѓанин. Поради тоа, секоја нова генерација мора да го разбере и да го поддржи овој непишан социјален договор (стекнување на вредности).

Овој пример покажува дека ОДГ/ОЧП го следат холистичкиот пристап, интегрирајќи ги процесите на учење во три димензии:

  • знаење и разбирање (когнитивна димензија);
  • обука за вештини и градење на компетенции;
  • стекнување на вредности и ставови.

Овој модел на димензии на учењето е применет во образованието, воопшто и поради тоа ќе биде близок на многу читатели. Секој наставник знае колку силна е предрасудата кон когнитивното учење, особено во повисоките одделенија. Како ОДГ/ОЧП ќе одговорат на предизвикот кој овој холистички модел на учење го претставува? Со други зборови, ако овој модел е тоа што учениците би требало да го учат, тогаш што би требало да направат наставниците?

Кои се основните принципи на ОДГ/ОЧП?

Генерално, ОДГ и ОЧП ги интегрираат овие димензии врз учењето преку креирање на околности кои вклучуваат учење во одделението и учење од искуствата во реалниот живот. ОДГ и ОЧП се базираат на збир од три дидактички пристапи:

  • учење „за“ демократијата и човековите права;
  • учење „преку“ демократијата и човековите права;
  • учење „заради“демократијата и човековите права.

Овие три дидактички пристапи на ОДГ и ОЧП формираат една интегрирана целина. Во сето она што го работат наставниците, овие три дидактички пристапи се вклучени, нудејќи ги трите димензии на учењето. Балансот на целта, доколку се нагласи некоја од овие димензии, би можел да се менува. Ќе погледнеме подетално во секој од овие пристапи.

Учење „за“

Ова го вклучува граѓанското образование како редовен училиштен предмет. Учењето „за“ се однесува на когнитивната димензија на учењето. Стандардите на когнитивната наставна програма на ОДГ и ОЧП го вклучуваат следното: учениците можат да објаснат како функционира демократијата во споредба со другите форми на државно уредување (диктатура, олигархија); учениците можат да ја опишат традицијата и историјата на човековите права; и тие можат да покажат како некои од овие човекови права се интегрирани во нивните државни устави, а со тоа давајќи им статус на граѓански права кои се многу цврсто заштитени. Понатаму, наставната програма мора да вклучува и обуки за ОДГ и ОЧП, како и за блиску поврзаните предмети, како што се историја, социологија и економија.

Учење „преку“

Учениците не би требало само да ги знаат нивните права, кои се однесуваат на учеството, туку тие мора да знаат и како нив да ги користат. Поради тоа, на учениците им е потребно практично искуство и можности за обука во училишниот живот преку учество во донесувањето одлуки, каде што тоа е можно и корисно. На пример, наставниците мора да им дадат можност на учениците да го произнесат нивното мислење, и за теми од одделението, како и за прашања поврзани со предавањето и водењето на училиштето. Ако ги разбереме на овој начин, ОДГ и ОЧП подобро обезбедуваат педагошки упатства дури и од наставната програма и го вклучуваат целото училиште, не само специјално обучените наставници за ОДГ и ОЧП. Вредностите, како што се толеранцијата и одговорноста, се учат преку искуство и во многу работи можат да зависат од наставниците – сите наставници, по сите предмети – за да се обезбедат модели на убедување. Од друга страна, демократските вредности, како невербален начин на однесување, нема да бидат доволни. Искуството во училишниот живот треба да се одразува и да се поврзува со категории и систематски начини на разбирање (учење „заради“). ОДГ/ОЧП зависат од двете димензии и дебатирањето за тоа дали ОДГ/ОЧП или граѓанското образование, како училиштен предмет, може да биде заменет во наставната програма, како генерализиран педагошки принцип, доведува до заблуда.

Учење „заради“

Оваа дидактичка перспектива се однесува на врските помеѓу училишното искуство и подоцнежниот живот. ОДГ/ОЧП го поддржуваат гледиштето дека искуството во училишниот живот има влијание врз општата и политичката социјализација. Вистина е дека образованието, вклучувајќи го тука и животот во училиштето, е потсистем кој е управуван од специфичните потреби и правила, но искуствата од овој потсистем не можат директно да се пренесат. Од друга страна пак, животот во училиштето е суштински дел од реалниот живот. Многу искуства, на кои учениците наидуваат во училиштето, повторно ќе се појават кога ќе станат возрасни, на пример, прашањата за родовата рамноправност, интегрирање на членовите на заедницата со различна етничка или социјална припадност, справување со насилството, преземање одговорност, искусување на нерамноправна распределба на моќта и недостаток на клучни ресурси (како што се пари и време), почитување на правила и закони и прифаќање на компромиси. Учењето „заради“ укажува на значењето на образованието за подоцнежниот живот. Тоа е задача на наставниците по сите предмети – да ги обучат учениците и тие да добијат способности за активно учество, на пример, способност да се произнесе нечиј став, кратко и јасно, во јавноста.

ОДГ го подразбира училиштето како место каде учениците можат да учат преку искуствата од реалниот живот. Училиштето повеќе е живот, отколку место на изолирано академско учење за подоцнежниот живот. Училиштето е микро- заедница која служи како модел на општеството во целина.3 До еден сигурен степен, училиштето може да стане дури и модел на подобро или подемократско општество, каде што членовите на училишната заедница можат да учествуваат во донесувањето одлуки во рамките на училишната средина, отколку што тоа би било можно надвор од училиштето. Учењето „заради“ демократијата и човековите права значи учење како да се учествува во заедницата, додека учењето „преку“ демократијата и човековите права значи дека заедницата е управувана од демократски принципи, каде човековите и детските права се набљудуваат како педагошки насоки. Демократијата се засновува врз политичка култура која што учениците мора да ја научат преку искуство во училиштето и со рефлектирање на ова искуство (учење „за“).

ОДГ/ОЧП учествуваат во образовните реформи кои важат за целото училиште, вклучувајќи ги сите наставници и одделенски раководители, училишните администратори и супервизори. Фокусот на овој прирачник, од друга страна, е ставен врз образованието за демократско граѓанство и образованието за човекови права како училиштен предмет. Реформата се состои од многу мали чекори, така што процесот и резултатот ќе варираат во зависност од земјата и од контекстот. Првите чекори се преземаат во училницата, каде што наставниците можат да одлучат што тие самите посакуваат да променат. Од оваа гледна точка, прашањето за методот и содржината е многу значајно.

Како е содржината поврзана со методот во ОДГ/ОЧП?

Генерално земено, учењето е активност која ја остварува оној кој учи. Учењето е активен процес кој се разликува од еден до друг ученик (конструктивен концепт на учењето). За да се резимира примерот, даден погоре, учениците можат само да научат како да уживаат во слободата на изразувањето преку зачестената практика – „искористи или изгуби“. Наставниците – не само во ОДГ/ОЧП, туку и по другите предмети, исто така – имаат задача да им обезбедат можности за учење на нивните ученици, како и да постават задачи кои ќе го поддржуваат овој процес на учење, на пример, преку презентации, дискусии, дебати, есеи, постери, уметнички творби или видео записи.

ОДГ/ОЧП, понатаму, става акцент на методите кои го поддржуваат учењето кое е насочено кон задачата, кое е интерактивно и кооперативно. Со откривањето на проблемите поврзани со зададената задача и изнаоѓањето на решенијата од страна на учениците, тие учат повеќе отколку кога би учеле сами во фронтална настава. Тука постои поголема флексибилност и можат да се земат предвид индивидуалните потреби при учењето. Наставните проекти во оваа книга покажуваат како учењето, насочено кон задачата, може да биде поврзано со специфични теми и прашања од материјалот, вклучувајќи учење преку проекти, критичко мислење, дебата и дискусија, рефлексија и повратна информација. Од друга страна, фронталната настава, наспроти интерактивната настава, е погрешна алтернатива. Добрата настава е секогаш комбинација од двете форми, како што ќе покаже и описот на часот во овој прирачник.

Клучна цел на ОДГ/ОЧП: Учество во демократијата
Учење Поучување Методи Училиште

Знаење и разбирање

Вештини

Ставови и вредности

Поучување
– за
– преку
– зарадидемократија и човекови права
– Насочено кон задачата,
– интерактивно,– кооперативно учењекомбинирано со– инструкции
– водење
– обука
– демонстрирањеод страна на наставникот

„Училиште како микро-општество“

Искуство од реалниот живот во училиштето

Учењето насочено кон задачата има импликации во временскиот распоред на часот. Генерално земено, ако наставниците сакаат учениците да работат повеќе, тие мора да зборуваат помалку и да одземаат помалку време од часот. Во исто време, тие мора да бидат пофлексибилни при излегувањето во пресрет на потребите на учениците при учењето. Учењето насочено кон задачата и интерактивното учење бараат внимателно планирање и подготовка и главно, потребно е повеќе време, за разлика од фронталната настава. Ова е, најверојатно, причината зошто ова второто преовладува, иако сега нашироко се признава дека е потребна замена со интерактивна настава.

Можеби, поради тоа, малку е парадоксално да се напише книга за наставници, а не за ученици. Како и да е, интерактивното учење и учењето насочено кон задачата поставуваат потешки задачи за наставниците, барајќи од нив поширок степен на улоги и флексибилно да одговорат на потребите за учење на ученикот. Оваа книга има за цел да ги поддржи наставниците како клучни фигури – наставникот е тој кој ќе обезбеди можности, задачи и средства за учениците, со цел тие да бидат поактивни.

Која е клучната цел на ОДГ/ОЧП?

Демократските системи зависат од активните демократи. Може и мора да се научи како да се учествува во демократијата. Комплексноста на институционалната рамка и на дискутабилните прашања бараат минимално ниво на знаење и разбирање. Учеството во јавна дебата, кое во натпреварот на идеи и организирани интереси, бара вештини, како што се способноста да се зборува во јавност и да се преговара. Разбирањето и почитувањето на непишаниот социјален договор, кој е основа на политичката култура на демократските заедници, зависи од вредностите и ставовите до кои се држи младата личност. Клучната цел на ОДГ/ОЧП е да ја чува демократијата жива, поддржувајќи ги младите генерации да станат активни граѓани. Демократијата не може да функционира без институционална рамка, заштитена со устав. Но, тоа не е доволно. Таа треба да биде вкоренета и во општеството. Тоа е културолошката димензија на демократијата која ОДГ/ОЧП се стремат да ја зацврстат и да ја поддржат. Токму затоа и Советот на Европа се фокусира кон обука на наставниците за ОДГ/ОЧП со цел да се поддржи мировниот процес во Босна и Херцеговина.

Овој прирачник е наменет за наставниците и учениците од осмо или деветто одделение. Учењето многу ќе зависи од тоа што на ученикот веќе му е познато и што тој/таа има искусено во животот. Наставните теми во оваа книга, поради тоа, ја нагласуваат културолошката димензија на демократијата, додека прирачникот за повисоко ниво (ОДГ/ОЧП , книга 4) го свртува фокусот кон политичката и институционалната димензија на демократијата во заедницата и во политичките процеси на донесување одлуки.4

„Европскиот пристап“ кон ОДГ/ОЧП

Овој прирачник изразува еден споделен европски пристап до ОДГ/ОЧП, ползувајќи го придонесот, кој произлезе од широката различност на културни средини. Ние ја развивме идејата и првата верзија на оваа книга во Босна и Херцеговина и многу едукатори и наставници зедоа учество и во прегледот и во дискусиите. Авторите и уредниците на овој прирачник ги презентираат наставните пристапи и традиции во Велика Британија, Белгија, Швајцарија и Германија. Кога се подготвуваше преработената верзија, ние бевме поддржани од Олоф Олафсдотир (Ms Olöf Olafsdottir) и Сара Китинг-Четвинд (Ms Sarah Keating-Chetwynd) во Советот на Европа и од Сабрина Марунчеду (Ms Sabrina Marruncheddu) и Вилтруд Вајдингер (Dr Wiltrud Weidinger) (Меѓународни проекти во образованието (IPE), Цирих). Ангела Дул (Ms Angela Doul), Советот на Европа, ја прочита нашата последна нацрт-верзија. Илустрациите на Пети Вискеман (Mr Peti Wiskemann) даваат значење на текстот, кое не може да биде искажано со зборови. Би сакале да им се заблагодариме на авторите, илустраторот, рецензентите и коректорот за нивниот придонес и поддршка. Ние сме особено благодарни на г-дин Емир Аџовиќ, координаторот на Советот на Европа во Сараево, кој се грижеше за нас за време на проектите од ОДГ/ОЧП. Без неговото ангажирање од самиот почеток на проектот, оваа книга никогаш немаше да биде напишана. Ние, исто така, ѝ се заблагодаруваме и на Хедер Курант (Ms Heather Courant) за нејзината трпеливост во подготвувањето на нашите патувања, обезбедувањето на визи или договарањето на состаноци, како и на сите наши партнери во овој вистински, европски проект.

Стразбур, април 2008

Ролф Голоб (Цирих, Швајцарија)

Петер Краф (Вајнгартен, Германија)

 

1. За подетален преглед на овој проект, погледнете во Книга 1 од оваа серија.
2. Погледнете ја Универзалната Декларација за човекови права, 10 декември 1948 година, член 19; Европската Конвенција за човекови права, 4 ноември 1950 година, член 10.
3. Овој  концепт  е  инспириран  од  мислителите,  како  Дјуи  (училиштето  како  „ембрионално општество“) и Вон Хентинг („училиштето како полис (држава)“)
4. ОДГ/ОЧП може да бидат предавани на секоја возрасна група, ако се земе предвид нивото на умешност и искуството на оние кои ќе учат. „Прирачникот за образование за детски права“ (ОДГ/ОЧП, книга 5) го покажува дијапазонот на дидактички пристапи од ниво на градинка, па сé до осмо одделение.