Час 4: Социјална правда
Living Democracy » Textbooks » Живеење во демократија » Прв дел: Поединецот и заедницата » ТЕМА 2: Рамноправност » Час 4: Социјална правдаКако би требало да ја совладаме нерамноправноста?
Цел на учењето | Учениците стануваат свесни за проблемите поврзани со социјалната правда. |
Задачи за учениците | Учениците ги дискутираат прашањата за дистрибутивната правда. Учениците повторно размислуваат за целата тема. |
Материјали | (незадолжително) Копии од материјалот за учениците 2.3. и прашањата. |
Метод | Дискусија базирана на текст, работа во парови, критичко мислење. |
Информации за тематаВо нашето општество, не постои консензус за тоа што вусшност значи социјалната правда. Приказната, употребена на овој час, има за цел да им помогне на учениците да се насочат кон основните принципи, во кои социјалната правда би требало да биде вкоренета, додека, во исто време, ја покажува и комплексноста на прашањето. |
Часот
Наставникот им објаснува на учениците дека тој/таа ќе им даде приказна во четири делови и дека по читањето на секој дел ќе има дискусија. По избор, наставникот би можел гласно да ја прочита приказната.
Наставникот, потоа, го дели одделението во парови и на секој пар му го дава првиот дел од материјалот за учениците 2.3. Наставникот може да го прочита гласно, да замоли некој од учениците да го прочита или пак учениците можат да го прочитаат во себе.
Копија за наставникот: прв дел
„ Измина повеќе од еден час помеѓу првиот аларм и тонењето на бродот.„Кралицата Меди“. Според тоа, патниците можеа малку да се организираат пред да се качат на бродовите за спасување. Силното невреме го предзвика судрувањето на бродот во еден танкер, кое резултираше со бродолом. Со половина ден подоцна, некои од бродовите за спасување пристигнаа на копно на еден карпест остров. Тој имаше јајцевидна форма, беше долг околу 1,5 километри, половина од тоа беше широк и делумно покриен со густа шума. Не постоеше ниту еден друг остров во близина. Овој сончев остров не беше населен, освен семејството (Ричалоун), кои живееја во луксузна вила на врвот од ридот и го поседуваа целиот остров. Пред многу години, ова семејство се насели на островот, одвај одржувајќи контакт со надворешниот свет; тие само го имаа договорено месечното доставување на свежа храна, бензин и сите видови производи кои им беа потребни. Нивниот живот беше добро организиран: тие сами произведуваа струја, можеа да си дозволат да купат доволно храна и пијалоци и го имаа целиот модерен комфор кој го посакуваа. Во минатото, сопственикот бил многу успешен бизнисмен. По конфликтот со властите во врска со даноците, тој се разочарал од животот и решил, од тој момент па натаму, да избегнува секаков контакт со надворешниот свет. Сопственикот на вилата ги набљудуваше бродовите за спасување кои пристигнуваа на неговиот убав остров и ги симнуваа луѓето спасени од бродоломот.“ |
Потоа, наставникот го објаснува првото прашање за кое учениците треба да размислуваат, а тоа е, дали, според нивното мислење, сопственикот на островот е морално обврзан да им дозволи на овие луѓе да престојуваат на неговиот остров. Со цел да им помогне на учениците да стигнат до заклучокот, наставникот ќе прочита неколку изјави (дадени подолу) и секој пар треба да одлучи со која/и изјава/и се согласува и зошто. Учениците дискутираат во парови и ги запишуваат нивните одговори.
А. Сопственикот може да не даде дозвола луѓето, спасени од бродоломот, да останат на неговиот остров.
Б. Сопственикот може да не даде дозвола луѓето, спасени од бродоломот, да останат на неговиот остров сé додека тој им ја обезбедува потребната храна и пијалоци.
В. Сопственикот може да не даде дозвола за сите оние луѓе кои не можат да платат (со пари, накит или преку работа) да останат на неговиот остров.
Г. Сопственикот треба да им дозволи на луѓето да останат на неговиот остров колку што е потребно. Луѓето спасени од бродоломот имаат морална обврска да ја почитуваат приватноста на сопственикот и сé што му припаѓа.
Д. Сопственикот треба да им дозволи на луѓето, спасени од бродоломот, безусловен пристап на островот и треба да ги смета за ко-сопственици.
Наставникот може да добие повратна информација од одделението, на пример, со поставување на прашања, како што е: „Колкумина од вас ја избраа изјавата А?“; „Колкумина од вас ја избраа изјавата Б“; „Зошто?“
Потоа наставникот го дистрибуира вториот дел од приказната.
Копија за наставникот: втор дел
„Сопственикот на островот реши да им дозволи на луѓето, спасени од бродоломот, да останат некое време. Тој очекуваше тие да платат за услугите и храната од неговите резерви. Сé додека имаше останата храна од бродот, тој одбиваше да им продаде нешто. Имаше 13 спасени луѓе од бродоломот. Тие беа Виктор, неговата бремена жена Џозефа и нивните две деца (3 и 7 години стари). Абрамович, 64, беше богат трговец со накит. Тој беше најстариот член во групата и немаше ниту роднини, ниту пријатели. Тој носеше со себе збирка од златни прстени, дијаманти и други скапоцени камења. Џон, Кејт, Лео и Алфред беа четворица млади пријатели, кои беа силни, здрави и многу вешти. Тие живееле заедно во една куќа, при една алтернативна заедница и тие самите ја обновиле куќата во која живееле. Марија, адвокат, која работеше со половина работно време на универзитет, можеше да оди многу бавно што се должеше на проблемите со нејзината лева нога и колкот (резултат од една несреќа). Таа беше придружувана од Макс, нејзиниот асистент на универзитетот и тие патуваа во САД, со цел да одржат предавање на една конференција и да дискутираат за издавањето на една книга со издавачот. И двајцата беа експерти по кривично право, но не беа вешти со нивните раце. Последни, но не и помалку важни, беа Марко и неговата девојка Вики, и двајцата членови на бродскиот персонал, кои, во последниот момент, зедоа онолку колку што можеа да носат од бродскиот магацин: конзерви со храна, бисквити, масло и неколку садови за готвење. Сите луѓе, спасени од бродоломот, носеа малку пари со себе, но наредникот на палубата, Марко, носеше голема сума, која ја имаше украдено од еден апартман во последното пристаниште каде што влегоа. На островот, на страната од ридот, имаше мала, стара колиба речиси блиску до морето. Имаше само една соба која можеше да послужи како примитивно засолниште за двајца или тројца луѓе.“ |
Потоа, наставникот објаснува дека секој пар треба да одлучи на кого, според нивното мислење, треба да му се дозволи да го користи засолништето. Наставникот ги чита следните изјави и ги замолува учениците да дискутираат во парови со која/и изјава/и се согласуваат, зошто и дали тие имаат некое друго решение:
А. Бремената жена и децата.
Б. Четворицата млади пријатели, кои се единствено способни да го реновираат засолништето.
В. Трговецот со накит кој ќе плати за тоа (со што ќе им дозволи на другите да купат храна).
Г. Наредникот на палубата и неговата девојка, кои можат да ја споделат нивната храна со останатите луѓе.
E. Адвокатот, која може да делува како посредник и да ги смирува кавгите помеѓу луѓето, спасени од бродоломот.
По известувањето, се дели и наредниот дел од приказната.
Копија за наставникот: трет дел
„Луѓето, спасени од бродоломот, исто така, требаше да решат што да прават со резервите од храна, кои ги зеде наредникот на палубата со себе и кој немаше намера да ги дели со другите. Всушност, споделувањето значеше намалување на можностите за опстанок за него и за неговата девојка.“ |
Сега, паровите се замолуваат да размислат кој треба да ја прими храната од бродските залихи. Наставникот повторно ги чита изјавите и ги замолува паровите да дискутираат и да одлучат со која/и изјава/и се согласуваат, зошто и дали тие гледаат друго решение.
A. На наредникот на палубата треба да му се дозволи да ја зачува храната за себе и за неговата девојка.
Б. Храната на располагање треба подеднакво да се подели помеѓу сите луѓе, спасени од бродоломот.
В. Храната на располагање може да биде купена од оној кој ќе понуди највисока цена (со пари, стоки или услуги).
По известувањето, се дели и последниот дел од приказната.
Копија за наставникот: четврт дел
Во парови, учениците дискутираат кој би требало да го замоли сопственикот за храна и како би требало тоа да биде сторено.
„Луѓето, спасени од бродоломот, решија дека храната треба да биде поделена, без никаква компензација. Тие го принудија Марко да ги предаде неговите прехрамбени продукти, повикувајќи се на неговото чувство на морална одговорност. Речиси по една недела, храна немаше повеќе и единственото решение беше обидот да се добие малку храна од сопственикот на вилата.“ |
Потоа, наставникот ги чита следните изјави и прашува со која/и од изјава/ите тие се согласуваат, зошто и дали тие гледаат друго решение.
A. Секоја личност индивидуално треба да преговара за условите за трговија со сопственикот (плаќање со пари, накит или труд). Во овој случај, семејството со деца и адвокатот и нејзиниот асистент, посебно ќе имаат проблеми.
Б. Сите ресурси кои се на располагање (накит, пари) би требало да се поделат помеѓу сите луѓе, без оглед на вистинскиот сопственик. Храната, купена на овој начин, би требало подеднакво да се подели. Дополнителна храна, потоа, може да се купува индивидуално, во замена за труд.
В. Исто како и под Б, но од сите се очекува да работат онолку колку што можат и да ја делат храната, која тој/таа ќе ја заработи на овој начин.
Г. На трговецот со накит му е дозволено да купи сé што сопственикот е подготвен да продаде и да им „помогне“ на останатите со пакетите со храна.
По известувањето, наставникот може да ја води дискусијата во одделението, со цел да им помогне на учениците, да ја применат приказната во реалниот свет:
Дали препознаваш слични ситуации во нашето општество?
A. … во твоето соседство или семејство? Б. … во твојата земја?
В. … во глобален размер?
Кои се загрижувачки актуелни ситуации (распределбата на храна, вода, домување и сл,) кои ги знаеш, а те погодуваат поради неправедноста?
A. … во твоето соседство или семејство?
Б. … во твојата земја?
В. … во глобален размер? Зошто?
На крајот од овој час, мора да има дискусија за основниот концепт на оваа наставна тема. Наставникот може да реши дали ќе додаде уште еден час. За да започне, наставникот дава кратко предавање, употребувајќи ги основните информации за рамноправноста и разновидноста од оваа тема. Тој/таа дури може да подготват и материјал со различни дефиниции. Учениците, потоа, ќе се искажуваат за четирите часови во мали групи: „За што дискутирале?“; „Што научиле?“; „За кои нови прашања станале свесни?“ Тие ќе се произнесат со предлози како да реагираат при ситуации на нерамноправност во нивните животи.