Материјал за учениците 2.2: Мажи и жени: приказната
Living Democracy » Textbooks » Живеење во демократија » Прв дел: Поединецот и заедницата » ТЕМА 2: Рамноправност » Материјал за учениците 2.2: Мажи и жени: приказнатаПриказна 1
„Тоа ми се случи многу пати. По вечерата, мајка ми очекуваше нејзините деца да ги однесат сите садови во кујната, да ја исчистат масата, да ги измијат садовите, да се осигураат дека сé е ставено во кујнскиот плакар и дека кујната е уредна и чиста. Уште еднаш, моите двајца браќа, бидејќи беа постари од мене, ми рекоа дека ова нешто не е за нив и дека јас тоа морам да го направам, само затоа што сум девојче. Јас не се спротивставив овој пат, бидејќи бев многу вознемирена. Му се пожалив на татко ми, но тој ми рече дека било добро да вежбам малку и дека тоа е добра подготовка за да станам домаќинка.“
Прашања
- Можеш ли да замислиш ова да се случува во твоето семејство?
- Замисли дека ти си ова девојче: што би сакал/а да им кажеш на твоите браќа? И на твојот татко?
- Дали се согласуваш со текстот во член 1 од Универзалната декларација за човекови права? Како тој да се примени во погоре-споменатата приказна?
„Сите човечки суштества се раѓаат слободни и рамноправни по достоинство и права.“
Приказна 2
„Шест момчиња стоеја околу мене на училишното игралиште. Сите зјапаа во мене и ме задеваа. Тие рекоа: „Еј момци, дали сте сигурни дека ова е девојче? Сакате ли да провериме малку подетално?“ Потоа, еден од нив ми пристапи, со намера да ме допира. Но, во истиот момент, директорот на училиштето дојде на игралиштето и момчињата си заминаа.“
Прашања
- Можеш ли да замислиш дека ова може да се случува во твоето или околу твоето училиште? Дај примери!
- Замисли дека ти си ова девојче – што би сакал/а да им кажеш на овие момчиња?
- Замисли си друго момче кое оддалеку гледа што се случува. Дали ова момче би требало да се вмеша? Зошто да/зошто не? Тогаш, како би требало да постапи?
- Дали мислиш дека ова што се случило може да биде „сексуално вознемирување“, согласно со дефиницијата која следи?
„Сексуалното вознемирување е секое однесување кое со збор, дејство или психолошки ефект од сексуална природа, со намера или дејство, нанесува повреда на дигнитетот на личноста или создава заплашување, одбивност или понижување, заканување или слични ситуации и кое е мотивирано од припадноста на друг пол или различна сексуална ориентација и кое на жртвата му прикажува несоодветно физичко, вербално, сугерирачко или друго однесување.“
Приказна 3
„ Како млад инженер, јас конкурирав на работното место за технички менаџер за одржување во една фабрика за градежни материјали. Бев поканета да учествувам во општите, техничките и психолошките тестови заедно со уште 24 други луѓе, сите мажи, освен мене. По оваа фаза, беа избрани пет луѓе за интервју со генералниот директор. Бидејќи по тестовите, јас бев рангирана трета, не бев меѓу нив (ја добив оваа информација, на доверлива основа, од еден мој пријател кој работи во административната канцеларија за персоналот). Не спомнувајќи ја оваа информација, се обидов да му се јавам на генералниот директор. Кога договорив разговор со него, прашав дали имаа предвид дека сум женско. Тој одрече, но рече дека мора да признае дека жените често забременуваат по неколку години, а тоа за некои работни места создава проблеми во континуитетот. Исто така, тој рече, посебно за оваа работа, дека би било тешко за жена, бидејќи сите работници во техничкиот тим беа мажи и тие би се однесувале грубо. Јас требаше да се сметам себеси среќна што не бев избрана.“
Прашања
- Можеш ли да замислиш ова да се случува во некоја компанија во твојот регион?
- Замисли дека ти си оваа жена: што би сакал/а да му кажеш на генералниот директор?
- Дали мислиш дека генералниот директор делува против законот во твојата земја? Ако да, како би можел/а да го докажеш ова?
„Сите форми на дискриминација на ниво на родот во процесот на вработување, огласите за слободни работни места, процедурите за избирање, вработувањето и отпуштањето се спротивни на законските одредби.“