Страници со податоци за наставникот: Меѓународен хуманитарен закон
Living Democracy » Textbooks » Живеење во демократија » Прв дел: Поединецот и заедницата » ТЕМА 4: Конфликт » Страници со податоци за наставникот: Меѓународен хуманитарен законШто е Меѓународен хуманитарен закон?
Меѓународниот хуманитарен закон (МХЗ) ги опфаќа и хуманитарните принципи и меѓународните договори кои бараат да се спасуваат животи и да се ублажува страдањето на војниците и на цивилите за време на еден воен конфликт. Неговите главни законски документи се од Женевските конвенции од 1949 година, четири спогодби потпишани од речиси сите народи во светот. Конвенциите ги дефинираат основните права на војниците кои не учествуваат во борби поради повреда, болест или заробување и правата на цивилите. Дополнителните протоколи од 1977 година, кои ги надополнуваат Женевските конвенции, ги прошируваат понатаму овие права.
Кого го заштитува МХЗ? Дали МХЗ ме заштитува мене?
МХЗ ги заштитува ранетите, болните или заробените членови на воените сили и цивилите. Ранетите и болни војници – без разлика на која нација припаѓаат – ќе бидат прибрани и згрижени според одредбите од Првата женевска конвенција. Тие не можат да бидат убиени или да бидат предмет на измачување или биолошки експерименти. Тие треба да добијат адекватна грижа и да бидат заштитени од ограбување или малтретирање. Исто така, конвенцијата ги заштитува медицинските работници, воено-религиозниот персонал, воено- медицинските помагала и мобилни единици.
Ранетите, болните и војниците кои доживеале бродолом на море се заштитени со Втората женевска конвенција. Тие ја добиваат истата заштита како и копнените војници, во проширени размери до условите на кои се наидува на море. Бродските болници се заштитени.
Воените заробеници, заштитени со Третата женевска конвенција, мора хумано да се третираат и да им се обезбеди соодветен дом, храна, облека и здравствена заштита. Тие нема да бидат третирани како предмет на измачување или медицинско експериментирање и тие мора да бидат заштитени од насилство, навреди и јавна љубопитност. Заробените воени дописници и цивили, со овластување да ја придружуваат војската, исто така, имаат право на овој статус. Цивилите се заштитени со Четвртата женевска конвенција. Цело време, завојуваните страни мора да ги разликуваат цивилите и војниците и да ги насочуваат нивните операции само против воени цели. На цивилите треба да им се дозволи да живеат колку што е можно понормално. Тие се заштитени од убиства, измачување, ограбување, репресалии, индискриминирано уништување на имотот и не можат да бидат заложници. Нивната чест, семејни права и религиозни убедувања и практики треба да се почитуваат. Окупаторските сили ќе обезбедат и ќе дозволат безбедно поминување на соодветна храна и медицински залихи, како и основање на болница и безбедни зони за ранетите, болните, повозрасните, за децата, бремените мајки и мајки на мали деца. Оваа конвенција обезбедува специјална заштита за жените и децата. Болничкиот персонал, кој се грижи за овие индивидуалци, треба да биде почитуван и заштитен.
Женевските конвенциите повикуваат за хуманитарна помош, која ќе биде спроведена од страна на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, националните здруженија на Црвениот крст и Црвената полумесечина или други независни хуманитарни организации, овластени од завојуваните страни.
Дали Меѓународниот хуманитарен закон и Законот за човекови права се различни?
Да, но тие се надополнуваат еден со друг. И двата бараат да се заштитуваат поединците од повреда и да се зачува човековото достоинство, но тие се однесуваат на различни околности и имаат различни суштински документи. МХЗ се применува во време на вооружен конфликт за да го ограничи страдањето предизвикано од војната и да ги заштити оние кои паднале во рацете на противникот. Примарен фокус на МХЗ е зачувувањето на основните права на ранетите, болните и војниците кои доживеале бродолом, воените заробеници и цивилите. Законот за човекови права се применува во време на мир или војна, но првенствено се грижи за заштитата на луѓето од владините прекршувања на нивните меѓународно признати граѓански, политички, економски, социјални и културни права.
Што вели МХЗ во врска со децата-војници?
Меѓународниот закон им забранува на децата да учествуваат во непријателството, но децата-војници сеуште претставуваат сериозен проблем во многу делови од светот. МХЗ бара децата под 15 години да не бидат регрутирани во воените сили и да се преземат „сите можни мерки“ за да се обезбеди дека тие нема директно да учествуваат во војувањето. Во регрутирањето на оние на возраст помеѓу 15 и 18 години, предност да им се даде на најстарите (член 77, Прв протокол). За жал, бројот на децата кои стануваат војници, или доброволно или присилно, се зголемува. Децата, кои живеат во конфликтни зони, посебно оние кои се одделени од нивните семејства или се маргинализирани на други начини, можат да станат потенцијални регрути. Како начин за да преживеат, децата често се присилуваат да се приклучат кон вооружени групи или стануваат деца-војници.
Кога се користи МХЗ?
МХЗ се применува при вооружен конфликт (војна), ко ј се случува помеѓу народите (меѓународен вооружен конфликт) или при внатрешни вооружени конфликти, како што се граѓанските војни.
Дали МХЗ е применет при терористичките напади од 11 септември?
Иако 11 септември 2001 години донесе смрт и уништување во време кога не се водеше војна, не е јасно дали МХЗ се применил. МХЗ се применува при вооружен конфликт помеѓу државите (меѓународен вооружен конфликт) или при внатрешни вооружени конфликти, како што се граѓанските војни. Ако шокантните напади на цивилните мети во Њујорк и Вашингтон, беа извршени од страна на самостојни терористички мрежи, тогаш тие се сведуваат на грозоморно кривично дело, повеќе отколку на воен чин при кој МХЗ би се применил.
Дали МХЗ обезбедува специјална заштита за жените?
Да. Иако жените ја уживаат истата општа, законска заштита како и мажите, Женевските конвенции го признаваат принципот дека „жените треба да се третираат со целосна почит во согласност со нивниот пол. (член 12, Прва и Втора женевска конвенција, член 14, Трета женевска конвенција). Ова значи дека дополнителна заштита се обезбедува за да се нагласат специфичните потреби на жените кои произлегуваат од родовите разлики, честа и скромноста, бременоста и раѓањето деца. На пример, жените – воени заробеници или затворенички треба да се стават во одделни простории од мажите, под непосреден надзор од други жени. Жените треба да се заштитени „од силување, присилна проституција или која и да е форма на непристоен напад“ (Четврта Женевска конвенција, член 27, исто член 75 и 76, Прв протокол). Како олеснување од товарот, им се дава предност на, „мајки кои очекуваат бебе, случаи на бременост и доилки“ (член 70, Прв протокол). За да се научи повеќе за женските прашања во воен конфликт, како и за еластичноста која многу ја покажале, погледни ја неодамнешната студија „Жените се соочуваат со војната“, на веб страната www.womenandwar.org.
Како МХЗ ги заштитува децата?
МХЗ забранува напади врз цивили и идентификува посебна заштита за децата. Сите цивили треба да се заштитени од убиство, измачување, ограбување, репресалии, индискриминирано уништување на имотот и станување заложници. Нивната чест, семејни права и религиозни убедувања и практики треба да се почитуваат. Окупаторските сили ќе обезбедат и ќе дозволат безбедно поминување на соодветна храна и медицински залихи, како и основање на болница и безбедни зони за ранетите, болните, повозрасните, за децата, бремените мајки и мајки на мали деца. Исто така, посебни одредби одговараат на потребите на децата, кои не се придружувани од семејство, нивните психо- социјални потреби и семејната комуникација.
Деца помали од 15 години, кои се сираци или одделени од нивните семејства, мора да бидат згрижени. Тие мора да се оспособат за практикување на нивната религија, а нивното образование мора да биде овозможено.
Дали претставува прекршување на МХЗ, ако цивилите се убиени за време на војна?
Заштитувањето на цивилите е најголема цел на МХЗ. Според Четвртата женевска конвенција, цивилите се заштитени од убиство и им е дозволено да водат нормални животи, ако дозволува безбедноста. Дополнетиот Прв протокол од 1977 година обезбедува понатамошни детали во проширувањето на цивилната заштита во меѓународни вооружени конфликти. Иако Соединетите Држави го потпишаа Првиот протокол, тој сеуште не е ратификуван. Сепак, САД нагласија дека ќе се придржуваат на овие одредби, кои се сметаат, според многумина, за кодификација на еден широко прифатен, вообичаен закон, развиван во текот на стотина години.
Основното правило на принципот на дистинкција е поставен во член 48 од Првиот протокол, кој гласи: „Во согласност да се обезбеди почит и заштита на цивилното население и цивилните објекти, завојуваните страни треба цело време да прават разлика помеѓу цивилното население и војниците, како и помеѓу цивилните објекти и воените цели и согласно со тоа да ги насочат нивните операции само кон воените цели.“ Во продолжение на забраната за директни напади, МХЗ исто, забранува индискриминирани напади врз цивили. Тие можат да се појават, на пример, кога еден напад на вооружените сили врз воена цел не ги зема предвид прекумерните, негативни последици врз цивилите (член 41 од Првиот Протокол).
Како и да е, не сите цивилни жртви се незаконски за време на војна. МХЗ не го става воениот конфликт надвор од законот, но наместо тоа прави обиди да се избалансира националното, признато, законско право за напад на легитимните воени цели за време на војна, со правото на цивилното население да биде заштитено од ефектите на непријателството. Со други зборови, знаејќи ја природата на војувањето, МХЗ предвидува одредена „колатерална штета“, која понекогаш, за жал, може да вклучи цивилни жртви.