Час 2: Зошто луѓето би требале да го почитуваат законот?
Living Democracy » Textbooks » Живеење во демократија » Втор дел: Преземање на одговорност » ТЕМА 6: Одговорност » Час 2: Зошто луѓето би требале да го почитуваат законот?Кои се најдобрите причини за почитување на законот?
Цел на учењето | Да се истражува природата на законските одговорности на луѓето. Да се истражува разликата помеѓу моралните и законските обврски. |
Задачи за учениците | Учениците анализираат морална дилема во пленарна дискусија. Учениците критички ги оценуваат причините за законската послушност. Учениците предлагаат ситуации во кои моралната должност може да ја надмине должноста да се почитува законот. |
Материјали | Копии од приказната „Дилемата на Шмит “ Хартија за пишуваните задачи. Табла |
Метод | Споделени анализи за моралната дилема. Анализи поддржани од наставникот. Пишување приказна. Пленарна дискусија. |
Концептуално учењеЗакон: Закон создаден од локална или национална влада. Владеење на правото: Во демокртските општества, владите и оние кои имаат моќ, се предмет на правото на земјата. Сменувањето на владеачите се прави на демократски начин, согласно со владеењето на уставот на земјата, а не како резултат на сила или војна. Луѓето имаат основна должност да го почитуваат правото, бидејќи тоа е демократски одлучено. Законска должност: Луѓето треба сами да си ги преземаат обврските, според законот. Морална одговорност: луѓето чувствуваат дека личните обврски се засновани врз нивните верувања во врска со тоа што е правилно, а што е грешно. |
Часот
Наставникот ја претставува приказната „Дилемата на Шмит“ и ги замолува учениците да работат во парови за да размислат дали Шмит би требало да го прекрши законот и да украде пари или не. Наставникот запишува различни мислења на таблата за тоа дали Шмит би требало да ги украде парите.
Наставникот ги замолува учениците да одберат едно мислење, со кое се согласуваат, и да ја додадат нивната причина во пишувана форма:
- Шмит би требало да ги украде парите бидејќи…
- Шмит не би требало да ги украде парите бидејќи…
Наставникот го забележува опсегот на причините, предложени од страна на учениците на таблата. На пример:
„Тој би требало да ги украде парите, бидејќи животот на неговата ќерка е поважен од законот со кој ќе се казнува крадењето.“
„Тој не би требало да ги украде парите, бидејќи би можеле да го фатат.“ или
„Тој не би требало да краде, бидејќи погрешно е да се крши законот.“
Потоа, различните причини се дискутираат во одделението. Зошто се тие различни? Дали некои причини се подобри од другите? Наставникот, потоа, ги замолува учениците да ја комплетираат оваа реченица:
„Во основа, грешно е да се прекрши законот бидејќи…“
Како алтернатива, наставникот би можел да го замоли одделението да размислува за колку што можат повеќе причини во врска со тоа зошто е грешно да се крши законот. Типично, во одговор на ова прашање, луѓето се произнесуваат во еден опсег на одговори, вклучувајќи ги следниве:
„Грешно е да се крши законот бидејќи:
- би можел да бидеш фатен и да бидеш казнет;
- законот ги заштитува луѓето од повреди и грешно е да се повредуваат другите луѓе;
- сите би излегле од контрола, ако законот не ги запре;
- кршењето на законот ја поткопува довербата помеѓу луѓето;
- на општеството му се потребни закон и ред за да преживее, без закони ќе постои хаос;
- кршењето на законот ги прекршува индивидуалните права на луѓето, како што се нивните права на сопственост или живот.“
Наставникот му укажува на одделението дека луѓето имаат бројни причини за да ги почитуваат законите. Некои од нив треба да се исполнуваат поради личен интерес, други поради грижа за другите луѓе, а трети пак, поради за добросостојбата како целина (види ја забелешката подолу).
За да се илустрираат овие концепти, наставникот би можел да нацрта серија од по три концентрични кругови на таблата, со „себе си“, „другите“ и „општеството“, запишани во секој круг, започнувајќи во внатрешниот круг. Различните причини би требало да бидат запишани во соодветната област.
Наставникот нагласува дека законското почитување, само по себе, не е секогаш знак за „добар граѓанин“. Многу грешни дела биле направени од страна на луѓе кои, всушност, го почитувале законот, велејќи дека „тие само ја исполнувале нивната должност“. Од друга страна, приказната покажува дека, одвреме- навреме, дури и добрите луѓе би морале да прекршат одреден закон поради некоја морално добра причина.
За да го поддржи сфаќањето на учениците за тешкотиите да се балансира помеѓу законските должности и моралните одговорности, наставникот потоа ги замолува учениците да напишат нивни кратки приказни, во кои луѓето (поради добри причини) не го земаат предвид кршењето на законот. Примерите би можеле да бидат: пречекорување на ограничувањето на брзината при итен медицински случај, или пак инаетење со законот бидејќи е лош или неправеден.
Некои од учениците ги читаат гласно нивните примери во пленарната дискусија. Потоа, наставникот ја подвлекува разликата помеѓу моралните одговорности (кои луѓето ги прифаќаат како дел од нивните вредности и верувања и законските должности, кои се наметнати од владите.) Тензиите помеѓу овие два вида на одговорност можат да ги водат граѓаните до критикување на некои закони со кои не се согласуваат и да работат за да ги променат. Тие можат, понекогаш, дури и да одлучат да прекршат некои закони поради морално позитивни причини. Историјата нуди многу примери на ситуации во кои луѓето ги прекршуваат законите за да протестираат против нив или да се бунат против тиранските влади. Наставникот би требало да го илустрира ова со некои локални примери. Тој би требало да стави акцент дека таквите дејства не би требало да се сфатат со омаловажување поради поткопување на владеењето на правото, од што зависат стабилните демократии.
Забелешка
Моралната дилема, понудена на овој час, не е како познатата „Дилема на Хајнц“, измислена од Lawrence Kohlberg, американски психолог, во педесеттите години од минатиот век. Ова била една од бројните дилеми, кои Kohlberg и неговите колеги ги поставиле пред млади луѓе секои три години, или пак на возраст помеѓу 10 и 25. Било откриено дека со текот на времето младите луѓе, во просек напредувале, со користење на расудувањето насочено кон себе, кога тие биле помлади, до користење на расудувањето насочено кон личноста, во раната адолесценција. Потоа, во средната адолесценција, повеќето од нив покажале напредок во користење на расудувањето насочено кон општеството, иако контекстот и типот на дилемата можат да влијаат врз тоа каков тип на расудување луѓето користат на која и да било возраст. Помалите деца покажале дека правилата и законите ги сметаат за нефлексибилни и не се засновани врз социјална цел, туку само врз авторитетите кои ги креираат правилата. Во текот на адолесценцијата, младите луѓе се повеќе свесни дека законите имаат социјални цели, кои можат да бидат разгледувани, испрашувани и критикувани, доколку се морално грешни или неправедни.