ЧАС 2: На која возраст?
Living Democracy » Textbooks » Живеење во демократија » Четврт дел: Моќ и авторитет » ТЕМА 8: Правила и закон » ЧАС 2: На која возраст?Како законот треба да се применува кон младите луѓе?
Цел на учењето | Да се испита како законите се применуваат кон младите луѓе. |
Задачи за учениците | Да се одреди законската возраст на која младите луѓе стануваат овластени да учествуваат во различните активности за возрасни. Да се испита колку е соодветен моментниот закон за младите луѓе. |
Материјали | Три големи знаци означени со„A“, „Б“ и „В“ се ставаат на три различни ѕидови во училницата. Копии од материјалот за ученици 8.1 – по една копија за секои два ученика. Маркери и голем лист хартија за секоја група од 4-6 ученици. |
Метод | Работа во парови, мала групна работа и одделенска дискусија. |
Информации за тематаОвој час вклучува многу физичка активност. Ако сметате дека тоа е несоодветно за вашите ученици, главната вежба може да биде адаптирана така што учениците остануваат седнати на нивните клупи – на пример, гласање со кревање на раце, или кревање на картички „A“, „Б“ или „В“, наместо движење низ различни делови на училницата. |
Часот
Наставникот го започнува часот со прашување на одделението дали е праведно да се има закон со кој младите луѓе мораат да одат на училиште, а да нема таков закон за возрасни:
- Дали мислите дека е праведно да се има закон со кој младите луѓе се принудуваат да одат на училиште? Зошто да, а зошто не?
Наставникот потоа ги дели учениците по парови и им дава прашалник (материјал за учениците 8.1) за пополнување. Прашалникот се однесува на законската возраст на која младите луѓе се овластени да учествуваат во различни активности за возрасни во нивната држава.
Наставникот замолува доброволци да прочитаат некои од нивните одговори. По секој одговор, наставникот паузира и ако е потребно, ги поправа одговорите на учениците. Учениците, потоа, ги запишуваат точните одговори на нивните прашалници.
За секој одговор, наставникот треба да ги праша паровите:
- Што мислите? Дали оваа возраст е:
а) премногу ниска?
б) премногу висока?
в) правилна?
Наставникот им дава на паровите минута да размислат и одлучат, потоа им кажува да се придвижат кон различни делови на просторијата во зависност од нивните одговори. (наставникот веќе ставил големи знаци означени со „A“, „Б“” и „В“ да им покажат на учениците каде да застанат.)
Наставникот, потоа, прашува случајно избрани парови да му го објаснат нивното размислување и да ги оправдаат нивните мислења. Наставникот, исто така, им дава можност на учениците да им постават прашања за нивната одлука. За да го заврши овој дел од часот, наставникот прашува:
- Дали мислите дека е праведно тоа што законот ги третира младите луѓе различно од возрасните? Зошто и зошто не?
Наставникот потоа го дели класот на групи од 4-6 ученици и им дава на секоја група маркери и голем лист хартија. Ги замолува групите да размислат за промена во законот во нивната земја кој ќе им користи на младите луѓе. Тие можат да предложат комплетно нов закон – на пример, дека секое училиште треба да има ученички парламент или минимална плата за млади луѓе на работа, или тие ќе можат да предложат промена во постоечки закон – на пример, во врска со законот за возраст на гласање или возраста за стекнување на возачка дозвола. Секоја група треба да подготви презентација за одделението за нивната избрана тема, подвлекувајќи ги нивните аргументи и како точно тие размислуваат дека нивниот закон ќе им користи на младите луѓе. По презентациите, одделението ќе може да гласа за да определи кој предлог од групите е најдобар.
Како завршна вежба или домашна задача, учениците треба да ги земат предвид чекорите кои тие, како млади луѓе, или како група ученици, можат да ги преземат за да ја убедат владата да прифати промени во законот кои тие ги предлагаат.