Лекција 4: Која работа ми одговара?

Living Democracy » Textbooks » Учество во демократија » 1 Дел: Учествување во заедницата » ТЕМА 1: ИДЕНТИТЕТ » Лекција 4: Која работа ми одговара?

Мојот критериум при бирањето работа

Оваа матрица ја сумира информацијата која наставникот треба да ја испланира и предаде на часот.

Стручното оспособување директно се однесува на ОДГ/ОЧП.

Крајната цел на учење покажува што учениците знаат и разбираат.

Задачата на учениците, заедно со методот го формираат главниот елемент на процесот на учење.

Списокот на материјали е во корист на подготовката за час.

Временскиот буџет на наставникот му дава груба ориентација за организацијата на време.

Стручно оспособување Идентификување, балансирање и приоритизирање на критериумите при правењето одлука.
Крајна цел на учењето Клучните критериуми за бирање на работа се, „Која работа одговара на моите интереси и квалитети?“
Задачи на учениците Учениците бираат или одбиваат работа и ги објаснуваат нивните избори.
Материјали и извори Материјал за ученици 1.3.
Материјали за наставници 1.2 (исечени во форма на картони за работа, со околу 10 картони повеќе од бројот на ученици).
Метод Самостојна работа со печатен материјал.
Пленарна сесија.
Временски буџет 1. Учениците прифаќаат или одбиваат понуда за работа – 20 мин.
2. Учениците ги споделуваат нивните критериуми при бирањето на работа – 20 мин.

Информационо поле

Во лекцијата 1.3, учениците ги обработуваа трите клучни прашања кој ќе имаат голем ефект на нивните идни животи – правењето избори за нивната работа, партнерство, и семејство (родителство). На овој час учениците  подлабоко ќе ги истражуваат критериумите за еден од овие избори – бирањето работа .

Два критериуми се од огромна важност: која работа ме интересира? Која работа можам најдобро да ја правам?

Важноста на овие прашања е очигледна, но има толку тешкотии при нивното одговарање, а посебно на второто. Потребна е конкретна информација; се предлага проектот за набљудување на работно место, со што учениците би го надминале овој проблем.

Опис на лекцијата

1. Учениците прифаќаат или одбиваат понуда за работа

Наставникот ја претставува темата

Наставникот ја претставува темата со осврнување на триаголникот со клучните избори кој е на таблата. На предходниот час учениците дискутираа за комплексноста при правењето на трите избори – работа, партнерство и семејство.

На овој час учениците ќе се концентрираат на еден од трите избори – нивните идни професии.

Наставникот објаснува дека како за почеток учениците треба да замислат дека им се нуди  работа. Наставникот ќе им ги покаже нивните понуди на картони за работа. Тие слободно можат да одлучат дали ќе ја прифатат понудата или не.

Наставникот го претставува методот – едноставна симулација на пазарот на труд

Наставникот го поделува ?материјалот за ученици 1.3 и ги замолува учениците да ја пополнат првата линија: дали веќе имаат работа по нивен избор, или дали го направиле својот избор? Ако не, тие чекаат на следниот чекор.

Наставникот ги објаснува правилата. Кога учениците ќе ја добијат понудата, тие одлучуваат дали да ја прифатат или не. Причините ги забележуваат на материјалите.

Тие можат да бараат друга работа. Можат меѓусебно да се менуваат, или да ги заменат картоните со тие што се на катедрата на наставникот. Ги впишуваат сите понуди кои им се понудени, и даваат причини зошто ги прифаќаат или одбиваат.

Ако најдат работа што ја сакаат, тогаш го задржуваат картонот. Ако само го остават без да земат друг картон, тогаш тие се невработени.

Пред да почне симулацијата на пазарот на труд, учениците треба да имаат јасна слика за правилата и нивните улоги.

Наставникот дели картон на секој ученик. Многу од нив веројатно ќе протестираат и сакаат веднаш да се ослободат од понудите за работа. Ако е потребно наставникот ќе ги потстети на на нивната задача – да забележат зошто не ја сакаат одредената работа на материјалите.

Учениците учествуваат во симулацијата на пазарот на труд – бараат работа

Штом на учениците  им се поделени картоните за работа, тие се препуштени самите на себе. Наставникот набљудува колку ученици ќе ги прифатат своите работи, и ги потсетува да направат белешки пред да ги заменат работите.

2. Учениците ги споделуваат нивните критериуми при бирањето работа

Учениците ги препознаваат клучните критериуми за избор на работа

Учениците се седнати кружно или правоаголно за да се поддржи комуникацијата.

Наставникот бара да кренат раце. Кој ја прифатил понудата за работа? А кој не?

Во вториот чекор, наставникот им вели на учениците да формираат групи од четири до шест ученика и да ги споделат критериумите. Нивната задача е да направат список на три клучни критериуми за кои сите се согласуваат.

По пет минути, говорниците на групите ги прикажуваат резултатите а друг член на групата ги забележува на табла. Точките кои ги прават групите се соодветно забележани за да се нагласи нивната важност. Резултатот може да изгледа вака:

Која работа ми одговара? Критериуми при бирањето работа

Лични интереси

Квалификации – работни услови

Добар приход

Работно време

Флексибилност

Работна сигурност

Учениците ги препознаваат клучните критериуми при избор на работа

Ако групите постојано споменувале одредени критериуми при бирањето работа, учениците размислуваат дали критериумите се посебно важни. Тие ги споделуваат мислењата и образложуваат.

Од една страна, учениците можат да ги следат нивните лични убедувања, така што тие не мора да се согласат. На пример, на некој ученик побитен ќе му биде добриот приход, додека пак на друг побитно ќе му биде флексибилното работно време и слободните викенди. Сепак наставникот треба да им нагласи една точка на учениците.

Сите ние не сакаме да бидеме невработени, затоа работната сигурност често е најголемиот приоритет. Но развивањето на бизниси е многу непредвидливо и учениците секаде ќе наидуваат на конкуренција. Учениците мора да изберат работа, или барем категорија (право, доктор по медицина) кога ќе завршат училиште и ќе аплицираат за овие работи откако ќе завршат со студиите или обуката. Никој не може да предвиди какви ќе бидат неговите можности за четири или пет години.

Затоа учениците треба да имаат два критериума:

  1. Што ме интересира, и во што би уживал правејќи го?
  2. Во што сум добар? Кои се моите квалитети? Што најдобро правам кога се соочувам со конкуренција?

Наставникот им дава време на учениците да размислат на ова и да одговорат.

Учениците го проблематизираат применувањето на овие критериуми

Кога ќе размислуваат како да ги применат овие критериуми при бирањето работа, учениците веројатно ќе станат свесни за тешкотиите кои постојат. Второто прашање погоре се одговара полесно. Со помош на родителите, пријателите и наставниците тие можат да ги запознаат нивните квалитети и компетенции.

Првото прашање содржи повеќе проблеми, бидејќи на учениците им е потребна информација за условите на работата и професионалниот развој. Наставниците не се професионални експерти за кариери, така што учениците мораат сами да бараат информации. Сега тие воочуваат дека слободата на избор и градењето на идентитет се навистина напорна работа.

Во многу земји, училиштата ги поддржуваат учениците преку шеми за посета на работното место. Овој модел е предложен како додаток кој учениците, родителите и бизнис менаџерите би го ценеле и поддржиле.

Додаток: проект за набљудување на работно место

Проблеми со кои се соочуваат учениците, и како можат проектите за набљудување на работно место да помогнат

Учениците знаат колку изборот на погодна работа е битен за нивниот иден живот. Тие разбираат кои критериуми се најбитни кога се прави избор, но исто така сфаќаат дека без да ја имаат најновата информација не можат да пресудат која работа одговара на нивните квалитети, компетенции и интереси. Проектот за посета на работното место  на учениците им овозможува да се информираат по тоа прашање.

Задача на учениците

Учениците истражуваат за работа која ги задоволува нивните критериуми. Потоа поминуваат неколку работни денови со професионалец. Тие гледаат што тој/таа прави и со кого соработува. Му прават интервју на партнерот според прашалник (види материјал за ученици 1.4). Ако е возможно, извршуваат задачи за да добијат искуство од прва рака (како на пр. пракса). Училишниот распоред се менува со работните часови на работата. На пр. ако одреден хирург почнува со работа во 6  часот, ученикот треба да е покрај него во операционата сала (на пр. да дознае дали може да поднесе да ја гледа операцијата).

Потоа учениците пишуваат извештај според прашалникот. Извештајот може да се предаде и оценува со што учениците би се мотивирале да ја извршуваат задачата правилно. Препорачливо е учениците да прават забелешки секој ден и да го пишуваат извештајот во текот на неделата наместо подоцна како вежба за ефикасно управување со времето.

Извештајот треба да е направен систематски а не како личен дневник, за учениците да се концентрираат на клучните критериуми за нивниот избор на работа.

Учениците треба сами да си ги најдат работните партнери, со поддршка од од родителите, семејството и пријателите. Најдобро е да не ги посетуваат родителите и роднините на работното место.

Поддршка од училиштето и наставниците

Учениците ја имаат главната улога и се одговорни за резултатот. Училиштето ја нуди можноста, го поставува распоредот, ги авторизира проектите и ги расчистува легалните работи (согласност од надлежното министерство, осигурување).  Во почетната фаза училиштата ги контактираат родителите кои имаат битна улога (види подолу).

На нивно барање, учениците можат да добијат писмо за овластување кога се пријавуваат за проект за посета на работно место. Кога ќе заврши проектот директорот на училиштето пишува писмо за заблагодарување на сите партнери кои ги примиле учениците.

Ако е возможно наставникот треба да ги посетува учениците за време на проектот. За време на целиот проект, тој мора да е достапен на телефон за да реагира брзо во итни случаи.

Последователна работа

Препорачуваме да се прават извештаите за да се истакне нивната важност. Наставникот треба да ги зема извештаите со почит бидејќи тие се лични документи. Тој/таа треба да сфати дека не бил/а присутен/на за време на проектите и интервјуата, така што учениците  се експертите по ова прашање а не наставникот. Оценувањето треба да е концентрирано на клучните аспекти како што се јасност, кохеренција, грижа и потполност. Оваа задача е многу покорисна за учениците од каков било тест и наставникот треба да е подготвен да дава повисоки оцени од вообичаеното.

Учениците треба да ја имаат можноста да ги споделат своите искуства. За ова треба повеќе време од тоа што е предвидено за наставата по ОДГ или општествените науки. Корисен начин на работа е проект за посета на работно место во самото училиште. Ова е од посебен интерес за помладите ученици кои ќе го извршуваат проектот една година подоцна, како и за нивните родители. Работните партнери, локалниот печат и локалните бизнис-претставници,исто така,  може да се поканат.

Поддршка од родителите

Најпрво родителите можат да ги поддржат учениците откривајќи кои се нивните квалитети и интереси. Родителите ги познаваат децата од раѓање и можат да се сеќаваат на нивниот развој од многу различна перспектива од онаа на професионалците во училиштето. Родителите воглавно ги поздравуваат ваквите проекти бидејќи ценат секој вид на поддршка за нивните деца при барањето работа. Од многу разбирлива причина родителите вообичаено ја пренагласуваат работната сигурност. Но поради економијата која брзо се менува, тие се помалку погодни за советници при планирањето на кариера.

Како да се најде работен партнер за учениците

Учениците вообичаено треба да најдат ментор за проектот за посета на работно место. Родителите и во некој случај други роднини и пријатели можат многу да помогнат со наоѓањето потенцијални партнери. Учениците не треба прерано да прават компромис ако потрагата е тешка. Тие бараат можност за пракса, а не работа. Ако не можат да најдат никој кој извршува одредена работа, на пр. телевизиски новинар тогаш компромисот би бил да се бара алтернатива во истата категорија, на пример новинар кој работи за весник.

Поддршка од локалните фирми и институции

Голем труд е за секој професионалец да се прими ученик во работната недела, така што тоа треба да се цени. Но многу работодавачи се заинтересирани за привлекување квалификувани и добро информирани апликанти за работа и од нивна перспектива ваквиот проект за нив е можност да ги тестираат учениците , а можеби и да им пристапат со некоја следна понуда.

Долгорочни резултати за учењето на учениците

Искуството покажало дека ваквиот проект помага за учениците да добијат посериозен и позрел пристап кон последните години на училиште. Тие стануваат свесни за нивните интереси и повеќе ги ценат предметите кои се поврзани со нивната иднина после училиштето. Исто така прави разлика ако некој надвор од училиштето им рекол дека „правописот и ракописот се навистина битни“. Исто така учениците имаат наградувачко и восхитувачко искуство кога ќе видат дека веќе можат да са справат со многу од задачите во професионалниот свет.

Учениците можеби ќе се вратат во училиштата со јасен одговор. Можеби сега знаат која ќе биде нивната работа, и можат да ги преземат следните чекори во планирањето на нивните студии или професионална обука по завршувањето. Од друга страна, ако проектот покажал дека тие мораат да бараат поинаква работа, ова исто така е многу битен чекор напред бидејќи ќе се ослободат од некои илузии и ќе се прашаат попрецизно која работа би им одговарала.

Информација за планови за посета на работно место

Обединетото Кралство: www.prospects.ac.uk

Баден – Виртемберг, Германија: www.schule-bw.de/schularten/gymnasium/bogy