Материјал за ученици 2.6: Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (Европската конвенција за човекови права) изменета со Протоколот број 11 со Протоколите бр. 1, 4, 6 (извадоци)
Living Democracy » Textbooks » Учество во демократија » Прирачник за ученици » Материјал за ученици 2.6: Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (Европската конвенција за човекови права) изменета со Протоколот број 11 со Протоколите бр. 1, 4, 6 (извадоци)Рим, 4-ти ноември 1950
Владите потписнички, членки на Советот на Европа,
Имајќи ја предвид Универзалната декларација за човековите права, која Генералното собрание на Обединетите нации ја усвоина 10 декември 1948 год.;
Имајќи предвид дека таа Декларација има за цел обезбедување на универзално и ефикасно признавање и почитување на правата утврдени со неа;
Имајќи предвид дека целта на Советот на Европа е да постигне поголемо единство меѓу своите членови и дека едно од средствата за постигнување на таа цел представува заштитата и почитувањето на човековите права и основните слободи;
Реафирмирајќи ја својата длабока верба во основните човекови слободи, кои што ги чинат темелите на правдата и мирот во светот, и кои што се најдобро заштитени преку вистинската политичка демократија и заемното разбирање и почитување на човековите права, од кои ce зависни;
Решени, како влади на европски земји, со исти стремежи и заедничко наследство на политичка традиција, идеали, почитување на слободата и правната држава, да ги направат првите чекори за колективно гарантирање на определени права утврдени со Универзалната декларација.
Се согласија за следното:
Член 1 – Обврска за почитување на човековите права
Високите договорни страни, на сите лица под нивна јурисдикција, ќе им го обезбедат исполнувањето на правата и слободите утврдени во Делот I од оваа Конвенција.
ДЕЛ I – ПРАВА И СЛОБОДИ
Член 2 – Право на живот
- Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не смее намерно да биде лишен од живот, освен при извршување на судска пресуда со која лицето е прогласено за виновно за извршување на деликт, санкциониран со ваква казна.
- Лишувањето од живот нема да се смета за спротивно на овој член доколку настапило како резултат на употреба на апсолутно неопходна сила;
a) при одбрана на било кое лице од незаконско насилие;
b) при законско лишување од слобода или спречување на бегство на лице, притворено во согласност со законот;
c) при законско спречување на немир или бунт.
Член 3 – Забрана на мачење
Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.
Член 4 – Забрана на ропство и принудна работа
- Никој не смее да биде држен во ропство или ропска зависност.
- Никој не смее да биде присилен да врши принудна илизадолжителна работа.
- За „принудна или задолжителна работа“, според овој член, нема да се смета:
3.1. секоја работа која редовно се бара од притворените лица, согласно на одредбите од членот 5 од оваа Конвенција или за време на условниот отпуст од притвор;
3.2. секоја служба од воен карактер или некоја друга служба наместо задолжителното служење на воениот рок, кога се работи за лица кои се повикале на приговор на совеста, а кое важи за оние земји кои тоа го дозволуваат;
3.3. секоја служба која е наложена во случај на вонредна состојба или неред кој ги загрозува животот и благосостојбата на заедницата;
3.4. секоја работа или служба која е составен дел на вообичаените граѓански обврски.
Член 5 – Право на слобода и сигурност
- Секој има право на слобода и сигурност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во законска постапка, во долунаведените случаи:
1.1. издржување на казна затвор по осудувачка пресуда на надлежен суд;
1.2. законско лишување од слобода или притвор поради неизвршување на законски налог на судот или со цел обезбедување на извршување на обврска пропишана со закон;
1.3. законско лишување од слобода или притвор на лице, со цел негово приведување пред надлежни судски органи, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице сторило кривично дело или кога е тоа неопходно за да се спречи извршување на кривично дело или бегство на осомничениот по извршување на кривично дело;
1.4. притвор на малолетник врз основа на судско решение за воспоставување на воспитна мерка или поради негово приведување пред надлежен судски орган;
1.5. притвор со цел да се спречи ширењето на некоја заразна болест, на ментално заболени лица, алкохоличари, токсикомани или скитници;
1.6. законско лишување од слобода или притвор на лице, со цел да се спречи негово илегално влегување во земјата или против кое се води постапка за негово протерување или екстрадикција. - Секој кој е лишен од слобода веднаш ќе биде известен, на јазикот што го разбира за причините поради кои е лишен од слобода и за сите обвиненија против него.
- Секој кој е лишен од слобода или притворен согласно на одредбите од ставот 1 ц. од овој член навремено ќе биде изведен пред судија или друго службено лице овластено со закон да ја врши судската власт, ќе има право да му биде судено во разумен рок или да биде пуштен(а) на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со барање на гаранција дека лицето ќе се појави на судењето.
- Секој кој е лишен од слобода или притворен има право да изјави жалба, по која судот ќе одлучи во најкус можен рок и ќе нареди негово ослободување, доколку лицето било незаконски притворено.
Член 6 – Право на правично судење
- Секој, при определување на неговите граѓанските права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со закон. Пресудите ќе се изрекуваат јавно, но печатот и јавноста може да се исклучат во дел или во целиот тек на постапката заради заштита на моралот, јавниот ред или националната безбедност на едно демократско општество, потоа, кога заштитата на интересите на малолетен престапник или приватниот живот на странките во постапката тоа го наложува, или кога судот го смета тоа за стриктно неопходно, кога постојат посебни околности, при кои јавноста на постапката би можела да им наштети на интересите на правдата.
- Секој кривично обвинет ќе се смета за невин сè додека не се докаже дека е виновен во согласност со законот.
- Секој кривично обвинет ќе ги има следниве минимални права:
3.1. да биде веднаш детално известен, на јазикот што го разбира, за природата и основата на обвинението против него;
3.2. да има доволно време и адекватни услови за да ја подготви својата одбрана;
3.3. да се брани самиот или од страна на бранител по свој избор, или доколку не располага со средства за бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога интересите на правдата тоа го бараат;
3.4. сам да ги сослуша или да овласти некој друг да ги сослуша сведоците кои што го теретат, како и да обезбеди присуство исослушување на сведоци во своја полза, под истите услови коиважат за сведоците што го теретат;
3.5. бесплатно да добие преведувач доколку не го разбира или не го зборува службениот јазик на судот.
Член 7 – Нема казна без закон
- Никој нема да се смета за виновен за било кое кривично дело, сторено со чинење или пропуштање на дејствие, кое во времето на извршувањето не претставувало кривично дело ни според домашните, ни според меѓународните прописи. Ниту пак, ќе се изрече потешка казна од онаа која била пропишана во времето кога кривичното дело било извршено.
- Овој член нема да се применува во однос на постапката и казната изречена на било кое лице, за било кое чинење или воздржување од дејствие, кое во времето кога е сторено, претставувало кривично дело според општите правни принципи признати од страна на цивилизираните народи.
Член 8 – Право на почитување на приватниот и семејниот живот
- Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
- Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку е тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба во земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.
Член 9 – Слобода на уверување, совест и религија
- Секој има право на слобода на уверување, совест и религија, вклучувајќи го и правото на промена на религијата или уверувањето: и слободата да сам или во група, во јавност или приватно, ја изрази својата религија или убедување, преку почитување, поучување, богослужба и обред.
- Слободата на изразување на религијата или убедувањето може да се ограничи само со закон и доколку е тоа неоходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност, здравјето или моралот или за заштита на правата и слободите на другите.
Член 10 – Слобода на изразување
- Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без било какво мешање на јавната власт и без оглед на државните граници. Овој член не ги спречува државите да доделуваат лиценци за работа на претпријатијата за радиодифузија, телевизиски пренос и кината.
- Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството.
Член 11 – Слобода на собирање и здружување
- Секој има право на слободно, мирно собирање и на здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа и да стане член на синдикат за ги заштити своите интереси.
- Остварувањето на овие права може да се ограничи само со закон и само доколку тоа е неопходно во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, за спречување на неред или кривично дело, за заштита на здравјето и моралот или за заштита на правата и слободите на другите. Овој член не го спречува поставувањето на законски ограничувања за припадниците на воружените сили, полицијата или државната администрација.
Член 12 – Право на брак
Од моментот кога ќе станат способни за брак, мажот и жената имаат право да склучат брак и да создадат семејство според домашното законодавство кое ја уредува оваа материја.
Член 13 – Право на ефективен лек
Секој, чии права и слободи определени во Конвенцијата се повредени ќе има ефективен лек пред домашните органи, без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност.
Член 14 – Забрана на дискриминација
Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, ќе се обезбеди на сите без дискриминација, без оглед на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус.
…
Протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи
Париз, 20-ти март 1952
…
Член 1 – Заштита на сопственост
Секое фичичко или правно лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога е тоа во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право. Предходните одредби на никаков начин не го спречуваат правото на државата да ги примени оние закони кои се неопходни за да се контролира користењето на сопственоста, согласно на општите интереси или да се обезбеди плаќање на даноците или други придонеси или парични казни.
Член 2 – Право на образование
Правото на образование не може да му се оспори никому. При извршувањето на своите активности преземени во областа на образованието и наставата, државата ќе го респектира правото на родителите да обезбедат образование и настава согласно на своите верски и филозофски убедувања.
Член 3 – Право на слободни избори
Високите договорни страни се обврзуваат да организираат слободни тајни избори во разумни интервали, под услови со кои ќе се обезбеди гласачите да можат слободно да го изразат своето мислење при изборот на законодавното тело.
…
Протокол бр. 4кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи
Стразбург, 16-ти септември 1963
…
Член 2 – Слобода на движење
- Секој кој законски се наоѓа на територијата на една држава, во рамките на нејзината територија, ќе има право на слобода на движење и на избор на своето место на престој.
- Секој ќе биде слободен да напушти било која земја, вклучувајќи ја и сопствената.
- Остварувањето на овие права може да биде предмет само на оние ограничувања кои се предвидени со закон и кои се неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, јавната сигурност, за одржување на јавниот ред и мир, спречување на кривично дело, за заштита на здравјето или моралот или за заштита на правата и слободите на другите.
- Правата, предвидени во ставот 1 можат во определени области, да бидат предмет на ограничувања во согласност со законот, кои ги правдува јавниот интерес на едно демократско општество.
Член 3 – Забрана за протерување на свои државјани
- Никој не смее да биде избркан од територијата на државата чии државјанин е, било со поединечна или колективна мерка.
- На никого нема да може да му се забрани правото на влез на територија на држава, чии државјанин е.
Член 4 – Забрана за колективно протерување на странци
Колективното протерување на странци е забрането.
…
Протокол бр. 6кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи
Стразбург, 28-ми април 1983
…
Член 1 – Забрана на смртна казна
Смртната казна ќе се забрани. Никој не смее да биде осуден на таква казна или погубен.
…
Извор: http://prison.eu.org/IMG/pdf/MacedonianMacedonien.pdf
Англиска верзија: www.echr.coe.int/echr/Homepage_EN