3. Конвенција за детски права на ООН3 (20. ноември 1989)
Living Democracy » Textbooks » Сознавање на детските права » Дел 3: Документи и наставни материјали » 3. Конвенција за детски права на ООН3 (20. ноември 1989)усвоена на Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуцијата 44/25 од 20. ноември 1989 и дадена на располагање за потпишување, ратификација и пристап.
Стапила на сила на 2 септември 1990 согласно членот 49.
Преамбула
Државите членки на оваа Конвенција,
сметајќи дека, во согласност со принципите прокламирани во Повелбата на Обединетите нации, признавањето на вроденото достоинство и на еднакви и неотуѓиви права на сите припадници на човечката заедница претставува основа на слободата, правдата и мирот во светот,
имајќи во предвид дека народите на Обединетите нации повторно ја потврдија верата во основните права на човекот и достоинството и вредноста на човечката личност и одлучија да придонесат за социјалниот напредок и подигнувањето на животниот стандард во поголема слобода,
свесни дека Обединетите нации во Општата декларација за правата на човекот и во меѓународните пактови за правата на човекот прокламираа и се согласија дека на секој поединец му припаѓаат сите права и слободи содржани во нив, без оглед на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго убедување, националното или социјалното потекло и имотната состојба, раѓањето или друг статус,
потсетувајќи дека Обединетите нации во Општата декларација за правата на човекот прокламираа дека на детството да му припаѓаат посебна грижа и помош,
уверени дека на семејството како основна единица на општеството и природна средина за развој и благосостојба на сите нејзини членови, особено на децата, треба да му биде пружена неопходна заштита и помош за да може во целина да ја преземе одговорноста во заедницата,
свесни за фактот дека детето, за да оствари хармоничен развој на личноста, треба да расте во семејна средина, во атмосфера на среќа, љубов и разбирање,
сметајќи дека детето треба да биде во целина подготвено да живее самостојно во општеството и да биде воспитувано во духот на идеалите, прокламирани во Повелбата на Обединетите нации, а особено во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправноста и солидарноста,
имајќи предвид дека потребата за посветување посебна грижа на детето е изнесена во Женевската декларација за правата на детето од 1924 година и во Декларацијата за правата на детето која ја усвоија Обединетите нации во 1959 година и е призната во Општата декларација за правата на човекот, во Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права (посебно во чл. 23 и 24.), во Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права (посебно во член 10) и во статутите и во соодветните инструменти на специјализираните агенции и на меѓународните организации кои се занимаваат со заштитата на децата,
имајќи во вид, како што е назначено во Декларацијата за правата на детето која ја усвои Генералното собрание на 20-ти ноември 1959 година, дека „на детето, со оглед на неговата физичка и ментална незрелост му се потребни посебна заштита и грижа, вклучувајќи и соодветна правна заштита, како пред така и по раѓањето“,
потсетувајќи на одредбите од Декларацијата за социјалните и правните принципи кои се однесуваат на заштитата и благосостојбата на децата, со посебен осврт врз националното и меѓународното старателство и усвојување, Правилата на Обединетите нации за стандардниот минимум во малолетничкото правосудство (Пекиншките правила) и Декларацијата за заштита на жените и децата во случај на вонредна состојба и вооружен судир,
свесни дека во сите земји на светот има деца кои живеат во вонредно тешки услови и дека на таквите деца им е потребна посебна грижа,
земајќи ги во предвид значењето на традициите и на културните вредности на секој народ за заштита и за сообразен развој на детето,
свесни за значењето на меѓународната соработка за подобрување на условите на животот на децата во сите земји, посебно во земјите во развој,
се согласија во следново:
ДЕЛ ПРВИ
член 1
За целите на оваа Конвенција детето е човечко суштество кое нема навршено осумнаесет години од животот, ако врз основа на законот кој се однесува на детето, полнолетноста не се стекнува порано.
член 2
1 – Државите членки на оваа Конвенција ги почитуваат и ги обезбедуваат правата содржани во Конвенцијата за секое дете под нивна јурисдикција без било каква дискриминација и без оглед на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго убедување, националното, етничкото или социјалното потекло, имотната состојба, онеспособеноста, потеклото или друг статус на детето или на неговиот родител или законски старател.
2 – Државите членки ги преземаат сите потребни мерки за да се обезбеди заштита на детето од сите облици на дискриминација или казни заосновани врз статусот, активностите, изразеното милслење или убедување на родителите, законските старатели или членовите на семејството на детето.
член 3
1 – Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела.
2- Државите членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа кои се неопходни за неговота благосостојба, земајќи ги во вид правата и обврските на неговите родители, законските старатели или на други поединци кои се правно одговорни за детето и за таа цел ги преземаат сите потребни законодавни мерки.
3 – Државите членки се грижат сите институции, служби и установи кои се одговорни за грижа или за заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги имаат утврдено надлежните органи, особено во областа на сигурноста и здравјето, бројот и достојноста на персоналот, како и на стручниот надзор.
член 4
Државите членки ги преземаат сите соодветни законодавни, административни и други мерки за остварвање на правата што се признати во оваа Конвенција. Во врска со економските, социјалните и културните права државите членки ги преземаат таквите мерки максимално користејќи ги своите расположиви средства, а каде што е тоа потребно, во рамките на меѓународната соработка.
член 5
Државите членки ги почитуваат одговорнoста, правата и должностите на родителите или, ако е таков случајот, на членовите на поширокото семејство или на заедницата, како што е предвидено со локалните обичаи, законските старатели или другите лица законски одговорни за детето, на начин кој е во согласност со развојот на способностите на детето, да го обезбедат, упатат и да го насочуваат детето за остварување на неговите права кои се признати во оваа Конвенција.
член 6
1 – Државите членки признаваат дека секое дете со самото раѓање има право на живот.
2 – Државите членки во најголема можна мерка овозможуваат опстанок и развој на детето.
член 7
1 – Детето се пријавува веднаш по раѓањето и од раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и, ако тоа е можно, право да знае кои му се родители и право тие да се грижат за него.
2 – Државите членки ги обезбедуваат остварувањето на овие права во согласност со националните закони и со соодветните меѓународни инструменти од оваа област, особено во оние случаи кога детето, инаку би било апатрид.
член 8
1 – Државите членки се обврзуваат да го почитуваат правото на детето за зачувување на својот идентитет, вклучувајќи го државјанството, името и семејните врски, како што е тоа признато со закон, без незаконско мешање.
2 – Во случаите кога детето нелегално е лишено од некои или од сите елементи на својот идентитет, државите членки пружаат соодветна помош и заштита што побргу да му биде вратен идентитетот.
член 9
1 – Државите членки обезбедуваат ниедно дете да не биде одвоено од своите родители против нивната волја, освен кога надлежните органи врз основа на судски увид, во согласност со соодветниот закон и процедури, одлучат дека таквото разделување е неопходно и е во најдобар интерес на детето. Таквата одлука може да биде неопходна во одреден случај, како на пример ако го малтретираат или го занемаруваат детето или ако живеат одвоено, па мора да се донесе одлука за местото на живеењето на детето.
2 – Во секоја постапка, во согласност со точката 1, сите заинтересирани страни ќе добијат прилика да учествуваат во постапката и да го изнесат своето мислење.
3 – Државите членки го почитуваат правото на детето кое е одвоено од едниот или од двајцата родители да одржува лични односи и непосредни контакти со двајцата родители врз постојана основа, освен ако е тоа во спротивност со најдобрите интереси на детето.
4 – Во случајот кога раздвојувањето е последица на мерките што ги има преземено држава членка, како што се притворот, затворот, прогонството, депортацијата или смртта (вклучувајќи ја смртта која настапила од било која причина додека е на грижа од државата) на едниот или на двајцата родители или на детето, државата членка, на барање од родителите, на детето или ако е таков случајот, на друг член на семејството ќе му обезбеди основни информации за местото на престојот на отсутниот член-членови на семејството ако давањето на такви информации не оди на штета на благосостојбата на детето. Државите членки натаму се грижат за поднесувањето на таквото барање само по себе да не повлекува никакви штетни последици за заинтересираното лице-лица.
член 10
1 – Во согласност со обврската на државите членки сообразно со член 9, точка 1, барањата на детето или на неговите родители да влезе во државата членка или да ја напушти поради спојување на семејството, државите членки ги решаваат на позитивен хуман и експедитивен начин. Државите членки, исто така обезбедуваат поднесувањето на такво барање да не повлекува никакви штетни последици за подносителите на барањето и за членовите на нивните семејства.
2 – Детето чии родители живеат во различни држави има право да одржува лични врски и непосредни контакти со двајцата родители на постојана основа, освен под исклучителни околности. За таа цел и сообразно со член 9, точка 2, државите членки го почитуваат правото на детето и на неговите родители да ја напуштат секоја земја вклучувајќи ја и сопствената, како и да влезат во својата земја. Правото на напуштањето на секоја земја потпаѓа само под оние ограничувања што се пропишани со закон и кои се потребни поради заштита на националната безбедност, јавниот ред (ordre public) на јавното здравје и моралот или со правото и слободата на другите и кои се во согласност со другите права признати во оваа Конвенција.
член 11
1 – Државите членки преземаат мерки за борба против нелегалниот трансфер и невраќањето на децата од странство.
2 – За таа цел државите членки го поттикнуваат склучувањето на билатерални или мултитерални спогодби или пристапување кон постојните спогодби.
член 12
1 – На детето кое е способно да формира свое сопствено мислење државите членки му обезбедуваат право на сопствено мислење, право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања кои се однесуваат на детето, со тоа што на неговото мислење се посветува должно внимание во согласност со годините на животот и зрелоста на детето.
2 – За таа цел, на детето посебно му се дава прилика да биде сослушано во сите судски и административни постапки кои се однесуваат на него, било непосредно или преку застапникот или соодветен орган на начин кој е во согласност со процедуралните правила на националниот закон.
член 13
1 – Детето има право на слобода на изразување која ја опфаќа и слободата да бара, да прима и да дава информации и идеи од сите видови, без оглед на границите, било усмено или писмено или преку печатот, уметноста или некој друг медиум по избор на детето.
2 – Остварувањето на ова право може да потпаѓа под извесни ограничувања, но само на оние што се одредени со закони што се неопходни:
а) Поради почитувањето на правото или угледот на другите или
б) Поради заштита на националната безбедност или на јавниот ред (ordre public) или на јавното здравје или моралот.
член 14
1 – Државите членки го почитуваат правото на детето за слобода на мислење, совест и вероисповед.
2 – Државите членки ги почитуваат правата и должностите на родителите, и ако е таков случајот, на законските старатели да го насочуваат детето во остварувањето на неговото право на начин кој е во согласност со развојот на неговите способности.
3 – Слободата на манифестирањето на вероисповедта или на убедувањето може да потпаѓа само под оние ограничувања што се пропишани со закон и што се неопходни поради заштита на јавноста, сигурноста, редот, здравјето или моралот или основните права и слободи на другите.
член 15
1 – Државите членки му ги признаваат правата на детето за слобода на здружување и за слобода на мирно собирање.
2 – Не можат да се наметнат никакви ограничувања за остварување на овие права, освен на оние кои се во согласност со законот и кои се во согласност со законот и кои се неопходни во демократското општество и во интерес на националната безбедност или јавната сигурност на јавниот ред (ordre public), заштитата на јавното здравје или моралот или заштитата на правата и слободите на другите.
член 16
1 – Ниедно дете не смее да биде изложено на самоволно или незаконско мешање во неговиот приватен и семеен живот, во домот или во личната преписка, како ни на незаконски напади врз неговата чест и углед.
2 – Детето има право на законска заштита од таквото мешање или напад.
член 17
Државите членки им ја признаваат значајната улога на средствата за јавно информирање и му овозможуваат пристап на детето во информациите и материјалите од различни национални и меѓународни извори, посебно во оние чија цел е унапредувањето на неговата социјална, духовна и морална благосостојба и физичко и ментално здравје. За таа цел државите членки:
а) Ги поттикнуваат средствата за јавно информирање да ги шират информациите и материјалите од социјален и културен интерес за детето во согласност со член 29.
б) Ја поттикнуваат меѓународната соработка во производството, размената и ширењето на таквите информации и материјали од различни културни, национални и меѓународни извори.
в) Го поттикнуваат објавувањето и ширењето на детските книги.
г) Ги поттикнуваат средствата за јавно информирање да посветат посебно внимание врз лингвистичките потреби на детето кое и припаѓа на малцинска група или кое е од автохтоно потекло.
д) Го поттикнуваат развојот на соодветните насочници за заштита на детето од информации и материјали кои се штетни за неговата благосостојба имајќи ги во вид одредбите на чл.13 и 18.
член 18
1 – Државите членки ќе ги вложат сите напори за да се уважи принципот двајцата родители да имаат заедничка одговорност во подигањето и во развојот на детето. Родителите или во зависност од случајот, законските старатели имаат главна одговорност за подигнувањето и за развојот на детето. Интересите на детето се нивна основна грижа.
2 – Поради гарантирањето и унапредувањето на правата содржани во оваа Конвенција, државите членки на родителите и на законските старатели им пружаат соодветна помош при вршењето на должноста во воспитувањето на детето и обезбедувањето развој на институциите, објектите и службите за грижа на децата.
3 – Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за да обезбедат децата на вработените родители да ги користат услугите на детските установи и објекти.
член 19
1 – Државите членки ги преземаат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки поради заштита на детето од сите облици на физичко или ментално насилство, повреди, или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања, или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба, додека за него се грижат родителите, законските старатели или некое друго лице на кое му е доверена грижата за детето.
2 – Таквите заштитни мерки по потреба треба да ги опфатат ефикасните постапки за установување на социјалните програми за обезбедувње и подршка неопходна на детето и на оние на кои им е доверена грижата за детето, како и другите облици за спречување, утврдување, пријавување, проследување, истрага, постапување и следење на случаите на овде наведеното малтретирање на детето и, по потреба, обраќање до судот.
член 20
1 – Детето кое привремено или трајно е лишено од семејната средина или на кое, во негов најдобар интерес, не му е дозволено да остане во тој круг има право на посебна заштита и помош од државата.
2 – Државите членки, во согласност со своите национални закони, обезбедуваат алтернативно грижење за таквото дете.
3 – Таквата состојба, покрај другото, треба да опфаќа сместување во друго семејство, кафалах според исламското право, усвојување или, ако е неопходно сместување во соодветна установа за грижа за децата. При разгледувањето на решението треба да се обрне должно внимание и врз фактот дека е пожелно задржување на континуитет во одгледувањето на детето како и во етничкото, верското, културното и лингвистичкото потекло на детето.
член 21
Државите членки кои признаваат или дозволуваат систем на усвојување обезбедуваат најдобрите интереси на детето да бидат пресудни и:
а) Обезбедуваат усвојување на детето да одобрува само надлежниот орган кој, во согласност со соодветниот закон и процедурите и врз основа на сите релевантни и сигурни информации, утврдува дека усвојувањето се дозволува со оглед на положбата на детето во врска со родителите, роднините и со законските старатели, и по потреба, дека заинтересираните лица свесно дале согласност за усвојување врз основа на таквиот совет кој може да биде потребен.
б) Признаваат дека меѓудржавното усвојување може да се смета како алтернативна можност за грижа за детето, ако детето не може да се смести во друго семејство или да биде усвоено или ако за него не може да се води грижа на погоден начин во земјата на неговото потекло.
в) Обезбедуваат детето на кое се однесува меѓудржавното усвојување да ужива заштита и стандарди еднакви на оние кои постојат во случајот на усвојувањето во рамките на една земја.
г) Ги преземаат сите соодветни мерки во случај на меѓународно усвојување, сместувањето за последица да нема неоправдана финансиска корист на оние кои во тоа не учествуваат.
д) Ги унапредуваат, каде што е тоа погодно, целите на овој член со заклучување на билатерални или мултилатерални аранжмани или спогодби, и настојуваат, во тие рамки, сместувањето на детето во друга земја да го извршат надлежните органи или тела.
член 22
1 – Државите членки преземаат соодветни мерки на детето кое бара статус на бегалец, во согласност со соодветниот меѓународен или национален закон и процедурите, без оглед на тоа дали детето е во придружба на своите родители или на некое друго лице или не, за да му овозможат да добие заштита и хуманитарна помош во остварувањето на правата на човекот или за хуманитарните прашања чии членки се споменатите држави.
2 – За таа цел, државите членки, ако сметаат дека е соодветно, учествуваат во сите напори на Обединетите нации и на другите надлежни или невладини организации кои соработуваат со Обединетите нации, со цел да се заштити и да му се пружа помош на таквото дете и да се најдат родителите или други членови на семејството на детето бегалец поради набавување на информации неопходни за спојување со неговото семејство. Во случаите кога не можат да се најдат родителите ниту другите членови на семејството, на детето му се пружа еднаква заштита како и на сите други деца кои постојано или привремен се лишени од семејниот круг од било која причина, како што е тоа наведено во оваа Конвенција.
член 23
1 – Државите членки признаваат дека детето со ментални или физички пречки во развојот треба да ужива целосен и достоен живот, во услови со кои се обезбедува неговото достоинство, се поттикнува самостојноста и се олеснува активното учество на детето во заедницата.
2 – Државите членки го уважуваат правото на детето со пречки во развојот на посебна нега и ќе ја поттикнуваат и обезбедуваат помошта на детето кое за тоа ги исполнува условите и оние кои се одговорни за грижење за него, а за која е поднесено барање, зависно од расположливите средства, и која одговара на состојбата на детето, и на условите на родителите или на другите лица кои се грижат за детето.
3 – Уважувајќи ги посебните потреби на детето со пречки во развојот, помош во согласност со точка 2 се дава бесплатно секогаш кога е тоа можно, имајќи ги во вид финансиските средства на родителите или на другите лица кои се грижат за детето, и е така замислена детето со пречки во развојот да има ефикасен пристап и да добива образование, обука, услуги на здравствена заштита и рехабилитација, подготвување на што поцелосна општествена интеграција и личен развој на детето, вклучувајќи го културниот и духовниот развој.
4 – Државите членки во духот на меѓународната размена ја унапредуваат размената на соодветни информации во областа на превентивната заштита на здравјето, и во медицинското, психолошкото и функционалното лекување на детето со пречки во развојот, вклучувајќи го ширењето и достапноста на информациите во врска со методите на обуката со цел да ги подобрат своите искуства во тие облсти. За таа цел особено внимание им се посветува на земјите во развој.
член 24
1 – Државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки ќе настојуваат ниедно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита.
2 – Државите членки ќе се залагаат за целосно остварување на ова право и посебно ќе преземаат соодветни мерки за:
a) Намалување на смртноста на бебињата и децата.
б) Обезбедување на неопходна медицинска помош и здравствена заштита на сите деца, со акцент врз развојот на примарната здравствена заштита.
в) Отстранување на болестите и потхранетоста, вклучувајќи ја во рамките на примарната здравствена заштита, покрај другото, применета на лесно достапната технологија и обезбедувајќи соодветни хранливи прехрамбени продукти и чиста вода за пиење, земајќи ја во предвид опасноста и ризикот од загадувањето на животната средина.
г) Обезбедување на содветна заштита на мајката пред и по раѓањето на детето.
д) Овозможување на сите сегменти на општеството, посебно на родителите и на децата, да бидат информирани и да им се пружи поддршка при користењето на основните знаења за здравјето, исхраната на детето, предимствата на доењето, хигиената и хигиенските услови на животната средина, како и за спречувањето на несреќите.
ѓ) развој на превентивна здравствена заштита, советите за родителите и образованието и пружање на услуги во врска со планирањето на семејството.
3 – Државите членки на себе ја преземаат обврската да ја унапредуваат и да ја поттикнуваат меѓународната соработка со цел за постепено постигнување на целосна реализација на правата од овој член.
4 – Во тој поглед, особено се земаат предвид потребите на земјите во развој.
член 25
Државите членки го уважуваат правото на детето кое надлежните органи го згрижиле поради старателство, заштита или лекување на неговото физичко или ментално здравје, на периодични проверки на лекувањето што му се обезбедува на детето, како и на сите други околности од значење за неговото згрижување.
член 26
1 – Државите членки го уважуваат правото на секое дете да ја користи социјалната заштита вклучувајќи го социјалното осигурување, и да ги преземат сите мерки неопходни за целосно остварување на ова право во согласност со националните закони.
2 – Овие повластици треба да бидат признати, ако тоа одговара, земајќи ги во предвид средствата и условите на детето и лицата кои се одговорни за издржувањето на детето, како и сите други услови значајни за барањата за повластиците кои ги поднесува тоа или кои ќе се поднесуваат во негово име.
член 27
1 – Државите членки на секое дете му го признаваат правото на животен стандард адекватен со физичкиот, менталниот, духовниот, моралниот и општествениот развој на детето.
2 – Родителите или други лица одговорни за детето првенствено се одговорни, во рамките на своите способности и финансиски можности, да обезбедат животни услови потребни за развој на детето.
3 – Државите членки, во согласност со националните услови и со своите можности, преземаат соодветни мерки за помош на родителите и на други лица одговорни за детето особено поради остварување на ова право и, во случај на потреба, обезбедуваат материјална помош и програми за поткрепа, во поглед на исхраната, облеката и живеењето.
4 – Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки да обезбедат детето да добива издржување од родителите или од други лица кои се финансиски одговорни за детето, како во рамките на државите членки така и од странство. Посебно, ако лицето кое е финансиски одговорно за детето не живее во истата држава во која и детето, државите членки поттикнуваат пристапување кон меѓународните спогодби, односно склучување на такви спогодби, како и други соодветни аранжмани.
Член 28
1 – Државите членки му го признаваат правото на детето на образование и поради постепено остварување на ова право врз основа на еднакви можности, посебно:
а) Го прогласуваат основното образование за задолжително и бесплатно за сите.
б) Го поттикнуваат развојот на различните облици средношколско образование, вклучувајќи го општото и стручното образование кое им е достапно на сите деца, и преземаат соодветни мерки, како што се воведувањето на бесплатно образование и давањето финансиска помош во случај на потреба.
в) На сите им овозможуваат добивање на високо образование врз основа на способности користејќи погодни средства.
г) На сите деца на располагање им ги ставаат образовните и стручните информации и услугите за професионална ориентација.
д) Преземаат мерки за поттикнување на редовното посетување на училиштата и за намалување на испишувањето од училиштата.
2 – Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки дисциплината во училиштата да може да се спроведува на начин кој е во согласност со човечкото достоинство и со оваа Конвенција.
3 – Државите членки ја унапредуваат и ја поттикнуваат меѓународната соработка за прашањата кои се однесуваат на образованието, особено поради придонесот во елиминирањето на незнаењето и неписменоста во светот и олеснувањето на пристап кон науката, техничкото знаење и современите методи на наставата. Во тој поглед особено внимание им се посветува на потребите на земјите во развој.
Член 29
1 – Државите членки се согласни дека образованието на детето треба да биде насочено врз развојот на личноста на детето и развојот на надареноста и менталните и физички способности до крајни граници;
а) Развој на личноста на детето и развој на надареноста и менталните и физички способности до крајни граници.
б) Развој на почитувањето на правата на човекот и основните слободи, како и почитувањето на принципите содржани во Повелбата на Обединетите нации.
в) Развој на почитувањето на родителите на детето, неговиот културен идентитет, јазикот и вредностите, националните вредности на земјата во која детето живее и на земјата од која тоа води потекло, како и цивилизациите кои се различни од неговата.
г) Подготвување на детето за одговорен живот во слободно општество, во дух на разбирање, мир, толеранција, еднаквост на половите и пријателство меѓу сите народи, меѓу етничките, националните и верски групи, и лица од автохтоно потекло.
д) Развој на почитувањето на природната средина.
2 – Ниедна одредба на овој член како ни член 28, не смее да се толкува како ограничување слободата на поединците и на телата да формираат и да управуваат со образовните установи, секогаш имајќи го во вид почитувањето на принципите изложени во точка 1 на овој член и под услов дека образованието во таквите институции е во согласност со минималните стандарди кои може да ги пропише државата.
член 30
Во оние држави во кои постојат етнички, верски или јазични малцинства или лица од автохтоно потекло, детето кое му припаѓа на таквото малцинство или е од автохтоно потекло не смее да биде лишено, во заедница со другите припадници на групата, од правото на својата култура, исповедувањето на своја вера и вршењето на верските обреди или на употреба на својот јазик.
член 31
1 – Државите членки му го признаваат правото на детето на одмор и на слободно време, на игра и рекреација кои одговараат на возраста на детето и слободно учество во културниот живот и во уметноста.
2 – Државите членки го почитуваат и го унапредуваат правото на детето за целосно учество во културниот и во уметничкиот живот и го поттикнуваат давањето на соодветни и еднакви можности за културни, уметнички, рекреативни и слободни активности.
член 32
1 – Државите членки му го признаваат правото на детето на заштита од економска експлоатација и работа врз дејности кои можат да бидат опасни или да му го попречуваат образованието на детето или да му штетат на здравјето, односно на неговиот физички, духовен, морален или социјален развој.
2 – Државите членки преземаат законодавни, административни, социјални и образовни мерки за примена на одредбите на овој член. За таа цел, а имајќи ги во предвид соодветните одредби на другите меѓународни инструменти, државите членки посебно:
а) Ја одредуваат минималната старост за вработување.
б) Го обезбедуваат регулирањето на работно време и условите за работа.
в) Одредуваат со соодветни казни или други санкции да се осигури ефикасна примена на одредбите на овој член.
член 33
Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки, вклучувајќи ги законодавните, административните, социјалните и образовните мерки, за заштита на децата од нелегална употреба на опојни дроги и психотропни супстанции, како што е дефинирано со соодветните меѓународни договори за спречување на користење на децата во нелегално производство и трговија со овие супстанции.
Член 34
Државите членки се обврзуваат да го заштитат детето од сите облици на сексуално искористување и сексуална злоупотреба. За таа цел, државите членки посебно ги преземаат сите соодветни мерки за спречување:
а) На наведување или присилување на детето да учествува во незаконските сексуални активности.
б) На екплоататорско користење на децата во проституцијата или во други незаконски дејства.
в) На експлоататорско користење на децата во порнографски претстави и списанија.
член 35
Државите членки ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултилатерални мерки за спречување на насилно подведување, продажба или трговија со деца во било која цел и во било кој облик.
член 36
Државите членки го штитат детето од сите други облици на експлоатација штетни за детето.
член 37
Државите членки се обврзуваат :
а) Ниедно дете да не биде изложено на мачење или на други свирепи, нечовечки или понижувачки постапки или казни. Смртна казна и доживотна робија без можност за пуштање на слобода не може да се изрече за кривични дела кои ги направиле лица помлади од осумнаесет години.
б) Ниедно дете не може да биде лишено од слобода незаконски или самоволно. Апсењето, притворот или затворот за детето мора да биде во согласност со законот и да се користи само како последна можна мерка и за најкратко можно време.
в) Со детето лишено од слобода да се постапува со почитување на достоинството на човечката личност, како и со земање во предвид потребите, за лице од неговите години. Секое дете лишено од слобода се одвојува од возрасните, освен ако не се смета дека тоа е во најдобар интерес на детето, и има право да одржува контакт со своето семејство преку писма и посети освен во исклучителни случаи.
г) Секое дете лишено од слобода има право на итна правна и друга соодветна помош, право пред судот или пред друг надлежен независен и непристрасен орган да постави прашање за законитоста за лишување од слобода како и право на итна одлука за тоа прашање.
член 38
1 – Државите членки се обврзуваат да ги почитуваат и да обезбедат почитување на правилата од меѓународното хуманитарно право кои се применуваат врз нив во вооружените судири, а кои се однесуваат на детето.
2 – Државите членки практично ги преземаат сите изводливи мерки лицата кои уште немаат наполнето петнаесет години на живот непосредно да не учествуваат во судири.
3 – Државите членки се воздржуваат од регрутирање во вооружените сили на лица кои уште немаат наполнето петнаесет години на живот.
4 – При регрутирањето на оние лица кои имаат наполнето петнаесет години на живот, но не осумнаесет, државите членки настојуваат да им дадат предност на постарите.
5 – Во согласност со обврските врз основа меѓународното хуманитарно право да го штитат цивилното население во вооружените судири, државите членки, практично, ги преземаат сите изводливи мерки за да обезбедат заштита и грижа за децата погодени во вооружениот судир.
член 39
Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за подобро физичко и психичко закрепнување и за социјална реинтегација на детето кое е жртва на некој облик на занемарување, експлоатација, злоупотреба, мачење или некој друг облик на свирепо, нехумано или понижувачко постапување или казнувања, или вооружени судири. Таквото закрепнување и реинтеграција се одвиваат во средината која го поттикнува здравјето, самопочитувањето и достоинството на детето.
член 40
1 – Државите членки му го признаваат правото на секое дете за кое ќе се тврди или кое е обвинето или за кое е признато дека го прекршило кривичниот закон, со него да се постапува на начин на кој се поттикнува неговото почитување на правата на човекот и основните слободи на другите и при што во предвид се земаат возраста на детето и желбата да се подобри неговата реинтеграција и тоа да преземе конструктивна улога во општеството.
2 – За таа цел и имајќи ги во вид соодветните одредби на меѓународните инструменти, државите членки посебно обезбедуваат:
а) За ниедно дете неосновано да не тврди, да не биде обвинето дека го прекршило кривичниот закон поради дело или пропуст кои не се забранети со националните закони во времето кога се направени.
б) На секое дете за кое се тврди или кое е обвинето за кршење на кривичниот закон да му се дадат барем наведените гараниции.
I) Да се смета за невино додека вината не се докаже според законот.
II) Да биде веднаш и директно известено за обвиненијата против него, ако е потребно и неговите родители или законски старатели и да има правна или друга соодветна помош во подготовката и презентирањето на својата одбрана.
III) Постапката да се води без задоцнувања и тоа од страна на надлежен независен и непристрасен орган или судско тело, со праведно сослушување во согласност со законот, во присуство на правна или друга соодветна помош (освен ако се смета дека тоа не е во интерес на детето посебно земајќи ги предвид неговите родители или законски старатели)
IV) Детето да не биде присилено да сведочи или да признае вина, а да се испитуваат или да бидат испитани сведоци од страната што обвинува, истовремено обезбеди учество и испитување на негови сведоци под еднакви услови со цел да се утврди или отфрли вината.
V) Ако се смета дека детето го прекршило кривичниот закон, оваа одлука и секоја досудена мерка која од тоа произлегува, повторно да ја разгледува повисок, надлежен, независен или непристасен орган или судско тело во согласност со законот.
VI) Детето да има бесплатна помош од преведувач ако тоа не може да го разбере или не го зборува јазикот кој официјално се користи.
VII) Да се почитува приватноста на детето на сите нивоа од постапката.
3 – Државите потписнички ќе настојуваат да го поттикнуваат донесувањето закони, постапки, воспоставувањето органи и установи коишто ќе бидат применливи врз децата кои се обвинети и за кои се смета дека го прекршиле кривичниот закон, а посебно ќе се настојува во:
a) утврдувањето на најниска возраст под која децата не ќе можат да бидат сметани како способни за кршење на кривичниот закон
б) преземањето мерки за постапување со таквите деца секогаш кога е тоа можно и пожелно без прибегнување кон судска постапка, со тоа што човечките права и законската заштита да бидат во целост почитувани.
4 – За да се обезбеди постапување со децата на начин кој е во нивен интерес и кој е пропорционален и на околностите, и на стореното дело, ќе бидат на располагање разновидните можности како што се грижата, советувањето, правното застапување, условното казнување, прифаќањето, образованието и програмите за стручно насочување и други можности и институционална грижа.
член 41
Ниедна одредба на оваа Конвенција нема да влијае врз било која друга одредба која повеќе придонесувала за остварување на правата на детето, а која евентуално се наоѓа:
а) Во законите на државите членки или
б) Во меѓународното право кое таа држава го применува.
Дел втори
член 42
Државите членки се обврзуваат со принципите и со одредбите на Конвенцијата што пошироко и на соодветен и активен начин да ги запознаат како возрасните лица така и децата.
член 43
1 – Поради разгледување на постигнатиот напредок на државите членки во извршувањето на обврските преземени врз основа на оваа Конвенција, се формира Комитет за правата на детето, кој ги врши финкциите наведени во понатамошниот текст.
2 – Комитетот го сочинуваат десет експерти со високи морални квалитети и призната компетентност во областа на која се однесува оваа Конвенција. Членовите на Комитетот ги избираат државите членки од редовите на своите државјани и тие своите должности ги вршат во лично својство, при што се води сметка за еднаква географска застапеност, како и за главните правни системи.
3 – Членовите на Комитетот се избираат со тајно гласање од листата на лицата кои ги номинираат државите членки. Секоја држава членка може да номинира лице од редовите на своите државјани.
4 – Првите избори за Комитетот се одржуваат најдоцна шест месеци по датумот на влегувањето во сила на оваа Конвенција, а потоа секоја втора година. Најмалку четири месеци пред датумот на сите избори, Генералниот секретар на Обединетите нации испраќа писмо до државите членки повикувајќи ги да ги поднесат своите номинации во рок од два месеци. Генералниот секретар потоа ја подготвува листата на сите така номинирани лица според абецедниот ред назначувајќи ги и државите членки на оваа Конвенција.
5 – Изборите се одржуваат на состаноците на државите членки кои ги свикува Генералниот секретар во седиштето на Обединетите нации. На овие состаноци на кои две третини од државите членки сочинуваат кворум, во Комитетот се избираат лицата кои ќе добијат најголем број на гласови и апсолутно мнозинство на гласови од претставниците на државите членки кои се присутни и кои гласаат.
6 – Членовите на Комитетот се избираат на период од четири години. Можат повторно да бидат избрани ако повторно бидат номинирани. Мандатот на петмина членови избрани на првите избори истекува по две години. Веднаш по првите избори, имињата на овие петмина членови со ждреб ги утврдува претседавачот на состанокот.
7 – Ако некој член на Комитетот умре или поднесе оставка или изјави дека од некоја друга причина не може повеќе да ја врши должноста во Комитетот, државата членка која го номинирала овој член именува друг експерт од редовите на своите државјани на истото место за останатиот дел на мандатот во зависност од одобрението на Комитетот.
8 – Комитетот утврдува свој деловник.
9 – Комитетот избира свои функционери на периот од две години.
10 – Состаноците на Комитетот обично се одржуваат во седиштето на Обединетите нации или во некое друго погодно место кое ќе го одреди Комитетот. Комитетот обично се состанува еднаш годишно. Должината на траењето на состанокот на Комитетот се одредува и, по потреба, се преиспитува на состанокот на државите членки на оваа Конвенција, во зависност од согласноста на Генералното собрание.
11 – Генералниот секретар на Обединетите нации обезбедува потребен персонал и услови за ефикасно вршење на функциите на Комитетот врз основа на оваа Конвенција.
12 – Во согласност на Генералното собрание, членовите на Комитетот формиран врз основа на Конвенцијата, примаат плата од средствата на Обединетите нации под условите што ќе ги одреди Собранието.
член 44
1 – Државите членки се обврзуваат, преку Генералниот секретар на Обединетите нации, на Комитетот да му поднесуваат извештаи за мерките што ги има усвоено, а кои придонесуваат за остварување на правата кои овде се признати, како и за напредокот постигнат во остварувањето на овие права:
а) Во рок од две години од влегувањето на Конвенцијата во сила во државите членки.
б) потоа, секои пет години.
2 – Во извештаите подготвени во согласност со овој член ќе се укаже на факторите и тешкотиите, ако ги има, кои влијаат врз степенот на остварувањето на обврските по оваа Конвенција. Извештаите треба да содржат доволно информации врз основа на кои Комитетот ќе има целосен увид во примената на Конвенцијата во односната земја.
3 – Државата членка која на комитетот му има поднесено сеопфатен прв извештај во своите наредни извештаи кои се поднесуваат во согласност со точката 1 (б), не мора да ги повторува основните информации кои претходно веќе ги има дадено.
4 – Комитетот на државите членки може да побара додатни информации кои се однесуваат на примената на Конвенцијата.
5 -Комитетот преку економскиот и социјалниот совет, на Генералното собрание, секои две години му поднесува извештаи за своите активности.
6 – Државите членки ги ставаат извештаите на увид на јавноста во своите земји.
член 45
Поради поттикнување на ефикасна примена на Конвенцијата и охрабрување на меѓународната соработка во областа за која станува збор во оваа Конвенција:
а) Специјализираните агенции, УНИЦЕФ и другите органи на Обединетите нации имаат право за присуство на свој претставник при разгледувањето на примената на оние одреби на оваа Конвенција кои се во нивна надлежност. Комитетот може да ги повика специјализираните агенции, УНИЦЕФ и другите надлежни тела да поднесат извештаи за примената на Конвенцијата во областите кои се во рамките на нивната активност.
б) Комитетот, ако смета дека е соодветно, на специјализираните агенции, на УНИЦЕФ и на другите надлежни тела им ги доставува извештаите на државите членки кои содржат барање или укажување на потребата за стручни совети или за помош, заедно со евентуалните забележувања и предлози во врска со овие молби или потреби.
в) Комитетот може да му даде препорака на Генералното собрание да го замоли Генералниот секретар во името на Комитетот да преземе студии за конкретните прашања кои се однесуваат на правата на детето;
г) Комитетот може да дава предлози и општи препораки кои се засновуваат врз информациите примени во согласност со член 44 и 45 од оваа Конвенција. Таквите предлози и општи препораки им се доставуваат на заинтересираните држави членки, а Генералното собрание за нив, со евентуални коментари, ги известува државите членки.
Трети дел
член 46
Оваа Конвенција е отворена за потпишување на сите држави.
член 47
Конвенцијата потпаѓа под ратификација. Ратификационите елементи се депонирани кај Генералниот секретар на Обединетите нации.
член 48
Оваа Конвенција им останува отворена за пристапување на сите држави. Инструментите за пристапувањето се депонираат кај Генералниот секретар на Обединетите нации.
член 49
1 – Оваа Конвенција влегува во сила триесеттиот ден од датумот на депонирањето на дваесеттиот ратификационен инструмент или инструмент за пристапување кај Генералниот секретар на Обединетите нации.
2 – За секоја држава која ја ратификува Конвенцијата или пристапува по депонирањето на дваесеттиот ратификационен инструмент или инструментот за пристапување, Конвенцијата влегува во сила триесеттиот ден од датумот на депонирањето на ратификациониот инструмент или инструментот за пристапувањето.
член 50
1 – Секоја држава членка може да предложи амандман и да му го поднесе на Генералниот секретар на Обидинетите нации. Генералниот секретар потоа предложениот амандман им го доставува на државите членки со молба да назначат дали се за конференција на државите членки поради разгледување и гласање на предлозите. Доколку во рок од четири месеци од датумот на доставувањето на таквиот амандман најмалку една третина од државите членки се изјасни за конференција, Генералниот секретар свикува конференција под покровителство на Обединетите нации. Сите амандмани што ќе ги усвојат повеќето држави членки кои се присутни и кои гласаат на конференцијата, се поднесуваат на одобрување до Генералното собрание.
2 – Амандманот усвоен во согласност со точката (1) на овој член влегува во сила по одобрувањето на Генералното собрание на Обединетите нации и прифаќањето од страна на две третини држави членки.
3 – Кога ќе влезе во сила, амандманот станува задолжителен за овие држави членки кои ги имаат прифатено, а другите држави членки и натаму ги обврзуваат одредбите на оваа Конвенција и сите евентуални амандмани прифатени од порано.
член 51
1 – Генералниот секретар на Обединетите нации го прима и им го доставува на сите држави текстот за резервите што ќе ги изразат државите за време на ратификацијата или пристапувањето.
2 – Резервата која не е во согласност со целта и со намената на оваа Конвенција не е дозволена.
3 – Резервите можат да се повлечат во било кое време со писмено известување упатено до Генералниот секретар на Обединетите нации, кој за тоа ги известува сите држави. Таквото известување влегува во сила со денот кога ќе го прими Генералниот секретар.
член 52
Државата членка може да ја откаже оваа Конвенција со писмено известување до Генералниот секретар на Обединетите нации. Отказот влегува во сила една година откога Генералниот секретар ќе го прими ова известување.
член 53
Генералниот секретар на Обединетите нации е одреден за депозитар на Конвенцијата.
Член 54
Оригиналот на оваа Конвенција, чии текстови на арапски, кинески, англиски, француски, руски и шпански јазик се еднакво веродостојни, се депонира кај Генералниот секретар на Обединетите нации. Потврдувајќи го наведеното, потписниците за тоа прописно овластени, ја потишаа оваа Конвенција.
Усвоена во Њу Јорк на 20 ноември 1989
(Следат потписите)
3. Германски превод според www.admin.ch/ch/d/sr/i1/0.107.de.pdf
Македонски превод според
http://www.unicef.org/magic/media/documents/CRC_macedonian_language_version.pdf