Вежба 1.2. – Права, одговорности и правила во училницата

Living Democracy » Textbooks » Предавање демократија » Глава 1: Создавање на атмосфера во училницата » Вежба 1.2. – Права, одговорности и правила во училницата
Образовни цели

Оваа активност го содржи пристапот „чекор по чекор“, со цел да се направат демократско усогласени правила за нивната група.

Учениците согледуваат дека нивниот придонес е значаен и дека имаат шанса да влијаат во предложување на правилата. Тие развиваат чувство на „сопственост“ и искусуваат активно учество во одделенската заедница како микро-општество.

Учениците стануваат свесни за врските меѓу правата, одговорностите и правилата (кои претставуваат закони во контекст на училницата).

Ресурси Големи листови хартија поделени на три еднакви дела.

 

Процедура

  1. Со помош на „игра“ за формирање групи (пр. со делење парови на картички и формирање на групи на жонглери, виолинисти, итн.) класот се дели на три, шест или девет групи во зависност од големината на класот. Не треба да има повеќе од 5 ученици во секоја група. Секоја група е или А, Б, или В.
  2. Секоја група назначува говорник. Наставникот ги замолува групите за кратка повратна информација – како го одбрале  нивниот говорник?
  3. Секоја група има лист хартија поделен на три. Користејќи ја горната третина од хартијата, тие ги запишуваат правата кои сметаат дека секоја личност (заедно со наставникот) во нивниот клас треба да ги има. Треба да го запишуваат секој предлог и тој треба да се нумерира.
  4. Учениците даваат повратна информација, според следните прашања. Колку добро мислите дека ја извршивте задачата? Што, од тоа што го правевте сите, помогна? Што беше потешко?
  5. Учениците ја предаваат нивната работа на следната група (А на Б, Б на В, В на А).
  6. Секоја група ги прегледува правата кои ги направила предходната група, според следните прашања. Кои одговорности ги имаме ние за да ги почитуваме тие правила? Што треба да направиме? Како треба да се однесуваме? На пример: „Секој има право да биде слушнат“ – „Имаме одговорност да ислушаме.“
    Користејќи ги истите броеви од делот каде се правата, учениците ја запишуваат одговорноста која одговара (ако имаат смислено) во средната третина на хартијата.2
  7. Информација од наставникот: правила за правила.
    • Одлучете за неколку правила кои ќе бидат истакнати во училницата.
    • Тие треба да се состават позитивно – ПРАВЕТЕ нешто наместо да НЕ ПРАВИТЕ нешто.
    • Тие мора да се специфични и да го опишуваат саканото однесување, пр. правото да се биде слушнат; имаме одговорност да слушаме; правило – молчете кога другите зборуваат.
  8. Учениците уште еднаш го подаваат нивниот лист хартија. Групите ги прегледуваат сите информации од предходните две групи и се согласуваат за максимум од пет правила. Овие се запишуваат со задебелени букви на последната третина од хартијата. Овие правила се одделуваат и прикачуваат на ѕид. Секој говорник ги објаснува правилата на целиот клас.
    Следи дискусија која ја води наставникот. Учениците ги идентификуваат непотребните правила и се договараат за тоа кои дупликати треба да се избришат. Некои групи можеби нема да сакаатда се избришат нивните информации, а на некои нема да им пречи. Учениците треба да донесат одлука со која секој се согласува. Наместо да се исклучува работата од некоја група, дупликатите треба да се сочуваат за понатамошно разгледување.
  9. Гласање за правилата. Секој ученик има четири жетони за да ги „потроши“ на правилата кои сметаат дека треба да се дел од наставата. Тие можат да гласаат со тоа што ќе ги поместат нивните жетони како што сакаат; на пример, можеби ќе сакаат да ги потрошат жетоните на едно правило или подеднакво на повеќе. Четирите правила со најголем број на гласови стануваат правилата за нивната училница. Тие може да се напишат, потпишат од секој ученик и видливо да се прикачат во училницата.
  10. Размислување. Што помогна/не помогна? Како вие придонесовте за активностите? Дали забележавте некој друг на часот кој направи корисни работи? Што направи/ја?
    Ова е првата можност за класот да ги примени своите правила и да ги спроведе. Наставникот може да ги пофали учениците кои ги почитуваат правилата. Ако е возможно наставникот треба да ги игнорира оние кои не ги почитуваат, бидејќи во спротивно тие ќе бидат „во преден план“ од негативни причини.

2. Учениците некогаш имаат потешкотии во поврзувањето на одговорност со секое право.