Глава 3 – Запознавање на човековите права

Living Democracy » Textbooks » Предавање демократија » Глава 3 – Запознавање на човековите права

V6_P25&94

Вовед

Илустрацијата покажува низа предмети кои се познати за децата и младите луѓе. Секој може да се сфати како симбол за човеково право или детско право – шатор (одмор), чадор (заштита), чинија со храна (физички потреби), книга  (образование, слобода на мислење), меченце (игра и слободно време), знаме (штитење на човековите права од државата), кутија  со прва помош (лекарска грижа), коверт (слобода на комуникација и изразување), куќа (приватност). Глобусот може да ја претставува идејата за заштита на човековите права за секој човек. Симболите се разиграно наредени, еден врз друг, и можеме да ги замислиме како се вртат. На овој начин, тие се поврзани за да формираат целина која значи повеќе од своите делови. Извадете едно делче и целата структура ќе се сруши.

Оваа слика е пример кој покажува колку се моќни навидум едноставните симболи. Наоѓањето симболи за човековите права е вежба која може да се даде на многу млади ученици, а секако и на постарите. Тоа им овозможува да го поврзат личното искуство со човековите права и да го осознаат значењето на човековите права за нивните животи. Неколку од вежбите од оваа глава го следат овој пристап.

Вежбите во оваа глава обработуваат човекови права – главната тематика на образованието за човекови права. Другите глави, како што е таа за вредностите, го истакнуваат учењето преку човековите права – со човековите права како педагошка водилка. Овие вежби се концентрираат на учењето за човекови права:

  • познавањето на човековите права: учениците познаваат едно или повеќе права и ги разбираат основните принципи;
  • читање на човековите права – бавно и внимателно, бидејќи секој збор е важен;
  • поврзување на човековите права со секојдневниот живот; учениците ги гледаат нивното лично искуство и потребите  преку перспектива на човекови права.

Ова е пристап кој е погоден за ученици од која било возраст.

Неколку вежби се примери за учење преку задачи. Учениците прават постер или ковчег со богатство и создаваат симболи кои претставуваат одредени човекови права. Преку истакнување на креативните вештини на учениците, ваквите вежби се промена од стандардниот пристап заснован на текст.

Сите вежби бараат внимателно размислување на часот. Учениците треба да разберат дека човековите права може да се прекршат и затоа треба да се заштитени со закони и начини на спроведување (полиција, систем на казнување).

Со постарите ученици можно е да се направат понатамошни чекори. Човековите права се основни права, што значи дека ниеден авторитет не може да ни ги гарантира или да ни ги одземе. Учениците треба да знаат за постоењето на основните спогодби за човекови права како што е Европската конвенција за човекови права. Тие треба да разберат дека нашите права имаат граници кои се поставени од правата на другите. Ние треба самите да дознаеме како да го правиме тоа, но ако е потребно законодавците и судиите ќе треба да одлучуваат. Како што покажуваат извештаи од Советот на Европа или невладините организации, и самата држава може да е закана за човековите права. Во ваквите случаи, граѓаните можат да се жалат на нивниот национален Уставен суд или на Европскиот суд на човекови права во Стразбург.