Образовни цели Целта на оваа вежба е да се претстави глобална перспектива на нашето заедничко потекло и заеднички дом како вовед во образованието за човекови права. Сите луѓе го делат истото потекло, истата земја и ги имаат истите права без разлика каде живеат или во која ситуација се. Оваа вежба ги визуализира големите цифри за да се поразбирливи за деца.
Забелешка за методот Оваа вежба се издвојува, бидејќи дава модел на предавање од наставникот, наместо работа во групи.
Ресурси Две ленти, една 4,8 а друга 6,7 метри, пожелно е и карта на светот или глобус.

Процедура

  1. Наставникот им ја покажува лентата со должина од 4.8 метри на учениците и им вели да погодат колку е долга. Кога учениците ќе се согласат дека е 4.8 метри, тој/таа ги прашува колку е тоа во милиметри.
  2. 4800 милиметри може да ја симболизира историјата на нашата планета, бидејќи се претпоставува дека е стара 4800 милиони години.
  3. Наставникот се враќа на создавањето на планетата и оди низ главните настани во историјата на планетата, а 1 милиметар е 1 милион години. Колку долго се луѓето на оваа планета? Тој/таа им ги покажува последните 2 милиметри и ги споредува со остатокот од лентата. Можеби луѓето не се толку битни? Можеби треба да сме многу внимателни и да се грижиме за планетата на која живееме?
  4. Наставникот им кажува на учениците малку за историјата на човекот. Колку што знаеме, луѓето потекнуваат од Африка. На почетокот, сите сме биле Африканци! Тогаш луѓето мигрирале од Африка и наскоро ја населиле целата планета. Денес живееме во многу земји и различни групи, имаме различни јазици и религии, но најпрво сите сме биле исти.
  5. Наставникот им ја покажува втората лента на учениците. Колку е долга? Денес сме 6.7 милијарди луѓе на земјата.4 Значи 1 милиметар одговара на 1 милион луѓе. Тој/таа ја покажува големината на некои од поголемите земји во светот на лентата. Која е големината на нашата земја? Некои луѓе го делат светот на „наши“ и „странци“. Лентата ни покажува дека поголемиот дел од луѓето се „странци“! Но сите ние ја делиме оваа планета како наш дом и мораме да научиме заедно да живееме на неа. Земјите во светот, преку организацијата Обединети нации одлучија дека иако сме различни и живееме на различни места, сите ги имаме истите права.

Продолжение

Од овој вовед наставникот може да продолжи да дискутира за прашања за животната средина, општо за човековите права, предрасудите и стереотипите (видете ја главата „Поглед кон другите“), географски прашања и меѓународни односи.

4. Наставникот треба да ја обнови оваа бројка ако е потребно и да ја адаптира должината на лентата; во моментот кога се печатеше оваа книга (2008) 6.7 милијарди беше точната бројка.