Вежба 7.6. – Дали треба да учествуваме во политиката?

Living Democracy » Textbooks » Предавање демократија » Глава 7 – Учество во политиката » Вежба 7.6. – Дали треба да учествуваме во политиката?
Образовни цели Учениците ги формираат нивните мислења за тоа дали е важно да се учествува во владеењето.
Учеството може да се одвива на многу начини. Ние го дефинираме учеството како учествување во јавниот живот на вашата заедница и општество. Некои луѓе мислат дека е важно да се учествува, а други не. Учениците треба да разберат дека политичките одлуки ги засегаат нив, без разлика дали тие учествуваат во одлучувањето или не.
Ресурси Картички со улоги за играта.

Процедура

  1. Четворица ученици кои се во улоги разговараат како скоро пристигнати граѓани во држава која е во создавање.
  2. Учениците дискутираат за прашања кои произлегуваат со играта (ако е потребно со упатувања од наставникот) како што се следните:
    • Кои се четирите главни погледи во врска со учеството кои граѓаните ги изразуваат? Дали се согласувате? Зошто или зошто не?
    • Што ќе изгубат четворицата граѓани ако не учествуваат? Која корист ќе ја имаат со учествувањето?
    • Која корист ќе ја има новоформираната држава од граѓаните кои учествуваат?
    • Кои се можните ризици или загуби ако некој одлучи да учествува?
    • Земајќи ги во предвид предностите и недостатоците, дали мислите дека вреди да се учествува?
  3. Со дискусија или предавање, учениците можат да дојдат до следниот заклучок:
    Владата влијае на животите на луѓето на многу начини. Со учеството во владеењето луѓето можат да имаат глас за одлуките кои ги носи владата. Во секое општество некој прави одлуки. Ако луѓето одберат да не учествуваат, тие нема да имаат збор за тие одлуки. Овие одлуки можат да вклучуваат нешта како:

    • колку даноци треба да плаќаат граѓаните
    • дали општеството ќе се вклучи во војна
    • кој ќе ги поседува и контролира природните ресурси на државата.

Во зависност од тоа како е владата структурирана, одлуките можат да се прават на повеќе нивоа, вклучувајќи ги национално, регионално и локално ниво. Некои одлуки, како што се тие за воена моќ, често се прават на национално ниво, додека пак тие во врска со транспортот и патиштата често се прават регионално. Одлуките како што се тие за собирањето на ѓубре, често се прават локално.

Материјали

Играње на улоги: четворицаграѓани пристигнуваат во новоформирана држава

Претпоставете дека само што сте пристигнале во новоформирана држава. Едвај чекате да почнете да создавате ново општество. Сте чуле дека има многу можности за создавање на добра влада. Потоа го наслушнувате следниот разговор меѓу група на луѓе кои исто така се новодојденци:

Граѓанин 1:

„Во државата од која потекнувам, никој не се грижеше за политиката и владеењето. Секогаш бевме презафатени со секојдневниот живот. Затоа и тука не би се грижел многу за политиката.“

Граѓанин 2:

„Така е во нашата држава… и никогаш не разбрав што се случуваше меѓу лидерите. Тие направија работата да изгледа толку комплицирана и нам ни беше многу полесно да не се трудиме да разбереме.“

Граѓанин 3:

„Епа, во нашата држава беше поинаку. Се трудевме, но луѓето кои имаа моќ не ни даваа да се вклучиме и ни се закануваа ако се обидевме. Така што на крајот се откажавме од обидите да учествуваме.“

Граѓанин 4:

„Во мојата држава имавме избори и нашите лидери ни ветуваа добра влада. Но никогаш не испадна така. Лидерите ја користеа власта да се збогатат. Сите лидери се корумпирани.“