Глава 8 – Справување со конфликт

Living Democracy » Textbooks » Предавање демократија » Глава 8 – Справување со конфликт

V6_P79&99

Вовед

Илустрацијата прикажува двајца млади мажи во кавга. Тие седат отспротива на една маса. Едниот мавта со знаме, а другиот ја стега тупаницата и ги покажува забите. Нивната коса е накострешена, што на противниците им дава страшен, ѕверски изглед. Ако е само ова, ние би очекувале конфликтот да се зголеми: двајцата мажи наскоро ќе станат и ќе почнат со физичко насилство. Но, има втор елемент во оваа слика: двајцата мажи се ракуваат, како знак на договор и компромис. Тие само зборуваат – можеби викаат еден на друг – но нема насилство.

Сликата симултано покажува нешто што во вистинскиот живот се одвива последователно: ако се залагаме за нашите интереси, мислења и вредности, некогаш ќе се впуштиме во конфликт. За да ги решиме конфликтите, ние мораме да сме способни и подготвени да најдеме компромиси да се договориме. Најпрво расправањето и одредувањето на екстремности, а потоа барањето согласност и компромис, создава еден процес на конфликт како што е вдишувањето и издишувањето.

Исто така подот во форма на ѕвезда можеби има значење. Ние делиме една заедница – на пример нашата планета, нашето семејство, нашето училиште. Немаме друго. Затоа зависиме едни од други и решавањето на конфликти мора да е водено од заеднички принципи и правила. Ваквите конфликти не се ништо лошо. Човековите права создаваат плурализам на интереси, кој ја зголемува веројатноста за конфликти. Правилното решавање на конфликти води до хармонија, а обидите да се надмине конфликтот на авторитарен начин или со неправедно решавање може да доведе до нарушување на заедницата.

Решавањето на конфликти е вештина која до одреден степен се учи. Ова е една цел на вежбите во оваа глава; тие на ученикот му даваат алатки, структурирани шеми за процедура, за решавање конфликти и медијација. Второ, праведноста на решавањето конфликти е важна, бидејќи се однесува на вредностите и културата на конфликтното однесување. Идеално, конфликтот треба да се реши со решение во кое сите добиваат. Ако тоа не е возможно, треба да се внимава да не се создадат губитници, туку да се најде компромис кој го одржува балансот меѓу добивките и недостатоците. Гледано од поширока перспектива, не се засегнати само противниците кои директно се вклучени, туку и заедницата и целата околина.