1. Што има да понуди оваа книга

Оваа книга содржи 47 вежби и модели за Образованието за демократско граѓанство (ОДГ) и Образованието за човекови права (ОЧП) во училиштата и во неформалните форми на образование. Овие модели на поучување ја создаваат рамката за активација на учениците и нудат примери и насоки за разбирање на основните принципи на демократијата и човековите права (индуктивен пристап, учење преку примери).

Корисникот ќе согледа дека многу од овие наставни модели бараат малку и едноставни ресурси (нискобуџетен принцип).

Во една лекција или тема (по можност не повеќе од четири лекции) овие модели треба да се стават во контекст, вообичаено преку структура во три чекори:

  1. Лекцијата или темата почнуваат со вовед за да се појасни тематиката на лекцијата, нејзината намена и цели. Учениците тогаш стануваат заинтересирани за тематиката.
  2. Учениците добиваат упатства за како да се изработи вежбата и потребните материјали. Потоа тие почнуваат со нивната активност.
  3. Ова е фаза на внимателно размислување, дискусија и инструкција. Вообичаените методи се повратна информација од учениците, дискусија во училницата, критичко размислување и упатувања од страна на наставникот за да се претстави клучниот концепт кој е основата на моделот. Без оваа трета фаза, учениците ќе имаат впечаток дека тие едноставно само играат игра.

Фазите 1 и 3 не се вклучени во презентацијата на моделите (фаза 2). Воведот на поглавјата содржи информирање за клучниот концепт или проблем кој е во фокусот на вежбите од тој дел; овде може да се најде помош за 3-тата фаза. Целната група на оваа книга е поискусниот наставник и наставникот кој е подготвен да посвети повеќе време во внимателна подготовка на часот. Подготовката првенствено е задача која бара внимателно размислување, концентрирајќи се на фазата 3. Која повратна информација ќе ја дадат моите ученици? Какви чувства ќе предизвика оваа вежба? Кој е клучниот концепт кој моите ученици треба да можат да го разберат? Како планирам да го претставам? Како подоцна тој може да се примени?

Кои прашања ќе ги одбере наставникот  и како тој/таа ќе ги одговори зависи од специфичната група на ученици, нивната возраст и културолошко потекло. Ние опишавме примери за тоа како да се имплементираат некои од моделите во оваа книга и во другите книги од ова ОДГ/ОЧП издание.

Многу од вежбите се приспособливи за различни возрасти, бидејќи нивото на размислување е различно. Сепак, некои модели се посложени и поапстрактни од другите и затоа повеќе одговараат за понапредни ученици.

2. Заедничкиот Европски пристап кон ОДГ/ОЧП

Корисникот ќе открие дека моделите следат различни пристапи на предавање и учење. Некои повеќе се концентрираат на создавање на автентитчно искуство (пр. „Букет цвеќиња“, или „Сложувалка“), други ја истакнуваат активноста на ученикот во вежбите со играње улога (пр. „Туристите“). Има трета категорија на материјали која се концентрира на одредени тематики и е повеќе заснована на материјали (пр. „Основни концепти на политичко размислување“). Заклучно, има предлози за работа на проекти кои резултираат со производ (пр. „Постерот за човекови права“).

Мноштвото на пристапи покажува дека за оваа книга придонесоа автори од сите делови на Европа. Тие се користеа различни извори и традиции на предавање и учење и одбраа модели кои ги знаат од практичното искуство и тестирање на часовите.

Сепак, постои заедничко сфаќање на ОДГ/ОЧП кое го опфаќа секој дел на оваа книга: во ОДГ/ОЧП, методот ја пренесува пораката. Учењето за демократијата и човековите права мора да се пренесе со учење во духот на овие принципи, т.е. учење преку демократија и човекови права. Затоа овие модели го следат принципот на учење преку задачи и учење преку лично искуство. Заедничкото сфаќање на ОДГ/ОЧП навистина може да се нарече Европскиот пристап.

Оригиналната верзија на оваа книга беше направена како поддршка за семинарите за обука на наставници по ОДГ/ОЧП во Босна и Херцеговина по војната (1992-1995). Советот на Европа направи семинари за наставници од 1996-та и овие активности продолжија до 2006-та. Целта на овие семинари беше поддршката на процесот на градење мир по војната. ОДГ/ОЧП треба да ја мотивира младата генерација да развие политичка култура која ќе го поддржува модерното плуралистичко и толерантно општество со цврсто втемелени демократски институции.

Во првите две години, авторите на книгата се здружија за да ги обучуваат наставниците од БиХ во летни семинари кои траеја околу две недели. Ние дознавме дека наставниците беа доста заинтересирани и расположени за остварување на предизвикот – да ги образуваат нивните ученици за демократијата и човековите права. Но, тие итно побараа материјали како упатување и поддршка на нивната работа. За една година, беше создадено првото издание на оваа книга. Набрзо тоа стана познато како „Сината папка“ поради неговата поврзаност со Советот на Европа и беше многу употребувано, не само од наставници во БиХ туку и во други земји вклучувајќи ја Руската федерација, Молдавија, Хрватска, Србија и Црна Гора. Повратната информација од овие корисници беше придонесување за подобрено издание во 2000. Дознавме дека на многу наставници им беше потребно упатување, поддршка во учењето преку задачи, спроведување на учењето преку задачи  и концептуалното учење – како што е претставено со моделот на три чекори од погоре.

Ние одговоривме со развивање на наставни модели кои детално ги опишуваат чекорите во низа од четири лекции. Ревидираните верзии на овие модели можат да се најдат во книгите III, IV, и Vод овој ОДГ/ОЧП серијал.

Ова издание на наставни модели по ОДГ/ОЧП веќе не го опфаќа само специфичниот контекст на Босна и Херцеговина. Бидејќи наставните модели го претставуваат заедничкиот Европски пристап кон ОДГ и ОЧП, тие можат да се користат низ цела Европа и во сите делови на светот. Различните автори се обединети во хор кој ја пее истата песна, но со своите различни гласови. Ова на корисниците им ја дава можноста да одберат и испробаат различни пристапи и традиции во рамките на Европскиот пристап кон ОДГ и ОЧП.

Благодарност

Би сакале да им се заблагодариме на авторите кои придонесоа за оваа книга и го создадоа нејзиното богатство од идеи и пристапи. Исто така ја искажуваме нашата благодарност на наставниците, педагошките советници, обучувачи и членовите на тимот за оцена на портфолија во Босна и Херцеговина, кој ги тестираше моделите и ни даде значајна повратна информација. Им се заблагодаруваме на г-ѓа Олеф Олафсдотир и г-ѓа Сара Китинг-Четвинд од Советот на Европа за нивното трпение, охрабрување и поддршка за остварувањето на овој проект. Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC, Bern) даде великодушен придонес кој муовозможи на ИПО (Интернационални проекти во образованието), како институт на Универзитетот за образование на наставници во Цирих, да го набљудува проектот. На крај, искажуваме посебна благодарност на г-дин Емир Аџовиќ, од Советот на Европа, Сараево за неговата огромна поддршка во сите семинари за обука во Горажде, Брчко, Сараево, Бања Лука и тн., каде што ја претставивме „Сината папка“ и ја добивме повратната информација која ја произведе оваа нова ревидирана верзија.

Цирих и Вајнгартен, Јули 2008-ма

Ролф Голоб

Петер Крапф